1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласовите на Македонците - за сите германски партии!

Силвера Падори-Кленке22 септември 2013

Лицата со македонско потекло на парламентарните избори во Германија се решени да гласаат. Сите имаат свои фаворити кои го опфаќаат целиот партиски спектар: од ЦДУ, преку СПД до Зелените

https://p.dw.com/p/19dCn
Фотографија: DW

Поголемиот број граѓани со македонско потекло кои долго години живеат во Германија и имаат право на глас, на 22. септември активно ќе учествуваат во изборот на новиот парламентарен состав. Од десетмината со кои разговаравме ( ДВ ја почитува бараната анонимност) само едно лице беше категорично дека нема да излезе на гласачкото место, зашто - како кажа, сите партии зборуваат исто и не знае кому да ја даде довербата!? Останатите претставници на првата и втора генерација Македонци во Германија, будно ја следат изборната кампања, настапите на партиите и главните фаворити. И како велат, вистински германски - полека, но сигурно - го формираат своето мислење кое до денот на изборите ќе биде искристализирано. Кои се критериумите и што ќе биде пресудно за нивната определеност еве што за ДВ кажуваат неколкумина од репрезентативната група.

„Во мојата определба решавачки е односот кон економијата. Тука живеам и работам и логично што решавачко е како партиите гледаат кон натамошното сопирање на економската криза, односот кон задолженоста, стабилизирањето на еврото и секако - дали ќе има промени во даночниот систем. Го следев и дуелот меѓу Меркел и Штајнбрук и морам да признам дека иако канцеларката е добра и во изминатите години направи многу за економската стабилност на Германија, противкандидатот Штајнбрук ми беше некако појасен, попривлечен. Што се однесува до третманот на Македонија и односот кон проширувањето морам да ја кажам реалноста. Македонија едноставно никаде ја нема и не верувам дека односот на партиите кон земјата ќе се промени и по 22. септември. Формално ја поддржуваат Македонија, но чекаат да се реши спорот со името со Грција. Значи, не треба да се занесуваме дека Германија или Европа кој знае што можат да направат за македонскиот европски пат. Тие си имат свои работи и како велат - решавањето на проблемот со името не е нивна задача “, коментира Стево.

TV-Duell Kanzlerin Angela Merkel gegen Spitzenkandidat Peer Steinbrück
Македонците од првата и втора генерација будно ги следат настапите на кандидатитеФотографија: picture-alliance/dpa

Пресудна социјалната политика

Александра гледа лажен патриотизам во кажувањата на некои наши луѓе дека ќе гласат за онаа партија која ја поддржува Македонија. „Односот на сите германски партии кон Македонија е ист – поддршката постои само формално, и секој си ја тера својата работа. Ако некој од Германија сакаше спорот да се реши - досега се’ ќе беше завршено“, вели Александра според која погрешно е споредувањето на демохристијаните со ВМРО-ДПМНЕ, зашто иако се сестрински партии меѓу нив има големи разлики. „Демохристијаните се партија на богатите исто како и либералите, а не на народот“, подвлекува Александра која уште сега е јасно одпределена дека својот глас ќе го даде на една од партиите кои на политичката сцена стојат полево: социјалдемократите, партиите на Левицата или Зелените. За неа е предсуден „односот кон семејната и социјалната политика, обезбедувањето повеќе градинки и попогодни услови за работа на семејните луѓе во претпријатијата “.
За гласот на Љубица решевачки е односот на една партија кон социјалниот статус на граѓаните.
„За мене е важно што една партија ќе направи да ми го олесни животот. Дали ќе се грижи за поголеми социјални погодности или е заинтересирана само за поголеми давачки. Овие денови следам кој што кажуваат и интересно е што и демохристијаните и социјалдемократите наведуваат дека се залагаат за поголеми вработувања и одговорна даночна политика, за стабилни пензии и поддршка на семејството. Од друга страна, нема ниту збор за она што нас не интересира: Македонија и нејзиното членство во Унијата. Искрено, не ни очекувам ова да биде на дневен ред зашто е сепак надворешна политика, а партиите сакаат со свои аргументи да ги привлечат гласовите играјќи на картата на внатрешната политика. Со оглед што изминативе години сегашната влада на Меркел беше особено солидарна со Грција, а не направи речиси ништо да се искористи моментот и да се притисне за Македонија, својата доверба овој пат ќе им ја дадат на социјалдемократите кои очекувам дека ќе направат повеќе за нашата татковина“, смета Љубица.

Deutschland Bundestagswahl 2013 Wahlplakate CDU und SPD
Решавачките критериуми се врзани за животот: економијата и социјалатаФотографија: picture-alliance/dpa

На агендата теми од животот

Изборите за германскиот Бундестаг се внатрешна работа на Германија, коментира и Елена, според која е логично што во трката по гласови партиите се сконцентрираат на она што што значи живот за германските луѓе. А тоа се ветувања врзани за економијата и социјалата: повеќе работни места, подобри примања, помалку даноци, поголема стабилност на еврото, поголема помош за семејствата со деца, поддршка на невработените и старите и уште многу многу други. Дел од овие теми се опфатени од речиси сите партии без разлика на тоа дали се лево или во центарот.
„И овој пат довербата ќе им ја дадам на Зелените, кои според мене последниве години имаат нагорен тренд, кои се свежи, со нови идеи и не се заморени од власта. Освен за заштитата на животната средина и користење на обновливите извори за енергија, тие се залагаат и за правичност, за подеднакви шанси за сите независно од потекло, за поголема демократија во Унијата, за подобра политика на азил и сл. И ако добро се сеќавам, тие децидно настапија против повторното воведување визи за земјите од Балканот, што беше иницирано од некои држави на Унијата по напливот азиланти од регионот“, кажува за ДВ Елена.
И Младен ќе го искористи даденото право и на 22 септември ќе гласа за новиот состав на Бундестагот. Иако се’ уште прецизно не ги знае претставниците од неговиот изборен круг, начелно ја знае насоката кон која тежнее.
„Економијата и социјалната сигурност која ја ветуват многуте партии секако дека е битен елемент во мојата определба. Важно е да се сопре продлабочувањето на јазот меѓу сиромашните и богатите и парите кои ги даваат даночните обврзници да не се одлеваат како солидарна помош надвор од земјата, туку да се искористат ефикасно за подобар живот во општините, за поддршка и преквалификација на оние кои се без работа. За мене се битни и други моменти: како партиите гледат кон интеграцијата на странците, колку мулти-култи амбиентот за нив е вистинска определба или само фасада за прикривање на непријателството кон странците“, подвлекува Младен.
Мирјана е долго години во Германија. Има добра работа и како вели задоволна е што на своја кожа не ја почувствувала кризата од минатите години.
„За мене нема дилеми. Сакам и во наредниве четири години на чело да е канцеларката Меркел. Сметам дека таа има голема заслуга за стабилноста на Германија и за добриот живот кој го имаат повеќето од оние кои работат. Немам доверба во социјалдемократите, иако чувствувам дека поради поделбата на силите Меркел можеби ќе мора со нив да коалицира. Во секој случај мој фаворит се демохристијаните на Меркел и тие ќе го добијат мојот глас“, е кусиот коментар на Мирјана.

Wahlkampf Angela Merkel in Seligenstadt
Канцеларката Меркел ја ужива поддршката на дел од луѓето со македонски корениФотографија: Reuters