1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гласини, пропаганда и контра-пропаганда за бегања на приврзаниците на Асад

Лајдхолт Улрих/Борис Георгиевски7 август 2012

Бегството на премиерот Ријад Хиџаб од Сирија го стави режимот на Башар aл-Асад под уште посилен притисок. За Асад бегството само по себе е еден симболичен пораз, затоа што токму тој го именуваше Хиџаб во јуни годинава.

https://p.dw.com/p/15kz0
Фотографија: Reuters

Бегството на премиерот Ријад Хиџаб од Сирија го стави режимот на Башар aл-Асад под уште посилен притисок. За Асад бегството само по себе е еден симболичен пораз, затоа што токму тој го именуваше Хиџаб во јуни годинава, иако досегашниот премиер немаше некоја голема моќ и не му припаѓаше на кругот на неговите најблиски соработници.

Време е на озборувања, пропаганда и контра-пропаганда. Рускиот амбасадор во Дамаск најде за сходно да демантира дека давал оценки за здравствената состојба на претседателот Асад. Претходно нему му беше припишана и една Твитер порака според која бил извршен бомбашки напад врз Асад и неговата сопруга, која се покажа неточна.

Сириската влада одржа демонстративен состанок под раководство на новиот премиер, а министерот за информации соопшти дека сите министри биле присутни на состанокот, иако во истовреме сириската опозиција и некои медиуми тврдат дека со, сега веќе, експремиерот пребегале и двајца министри. Нив засега никој не ги видел.

Syrien Regierungschef Riad HidschabErnennung bei Bashar al Assad
Бегството е личен удар за АсадФотографија: Reuters

Нема дилеми дека бегството на Хиџаб жестоко го потресе режимот на Асад. И покрај тоа што беше формално вториот човек во државата, тој немаше практично никаква фактичка власт и никој не го ни знаеше неговото име. За експертот за Блискиот исток Хасан Шебанех нема дилеми околу последиците.

„Тој беше член на владејачката Баат партија, му припаѓаше на значајно семејство, кое Асад целосно го поддржуваше. Кога некоја таква личност ќе пребегне, а режимот нема да успее да го спречи, тоа е голем удар за Асад“, вели Шебанех.

Покрај толку силен безбедносен апарат, како оној на Асад, да се испланира бегство до Јордан на овој начин не е воопшто лесна задача. Како тоа изгледа најдобро знае Мохамед Хасан Хафез, млад дипломат кој пред две недели пребега од сириската амбасада во Ерменија.

„Уште од почетокот на востанието многу дипломати беа незадоволни поради нападите на армијата врз народот. Но беше многу тешко да се говори за тоа“, вели Хафез. Но тој го стори тоа и се најде на удар на поддржувачите на Асад по што беше испратен од Лондон во Ерменија. Многу сириски дипломати одлучуваат да останат верни на режимот поради страв за нивните семејства кои се наоѓаат во Сирија.

Syrien Regierungschef Riad Hidschab
Сега веќе поранешниот премиер немаше големи овластувања и не беше познат во јавностаФотографија: Reuters

По бегството на премиерот Хиџаб, недовербата во режимот на Асад ќе расте, но дали ќе биде тоа доволно за да падне?

„Асад не владее со Сирија, туку армијата. Дезертер од овој калибар ни покажува дека политичката класа таму нема збор. Затоа и се случуваат вакви работи“, објаснува експертот Шабанех.

Неизвесноста ја чувствува и дипломатот Хафез. Тој успеа да му го сврти грбот на режимот, но не може да прогнозира што ќе се случува натаму.

„Не знам што се случува во неговата глава: целосно уништување на земјата, убиства, масакри во Сирија? Асад седи во неговата канцеларија и и’ дели наредби на армијата. Никој не знае што планира?“