1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ги прави ли економскиот раст луѓето среќни?

Андреас Бекер / Симе Недевски26 јуни 2013

Одговорот на научниците и истражувачите на ова прашање е повеќе од јасен. Сепак, важна улога за среќата не игра само економијата, туку и политиката и приватниот живот.

https://p.dw.com/p/18vkJ
Фотографија: Liudmila Travina/Fotolia

Парите сами по себе не ги чинат луѓето среќни, тоа во меѓувреме се знае. Но, парите, сепак, играат голема улога во среќата на луѓето. Тоа е барем резултат на повеќегодишното истражување на Бруно Фрај. „Луѓето кои заработуваат се повеќе посреќни.“

Швајцарскиот економист кој денес предава на англискиот универзитет Вoрвик беше еден од првите научници кои со помош на економските модели го истражуваа прашањето на човечката среќа. Дека економскиот раст и благосостојбата ги прават луѓето посреќни е потврдено и во споредбата на луѓето од различни земји. „Ако ги споредиме сиромашните земји со земјите во кои луѓето во просек имаат поголеми приходи, јасно е: луѓето во побогатите земји се посреќни.“

Прашање на нивоа

Кога научниците како Фрај зборуваат за среќата тогаш мислат на субјективното задоволство од животот, кое тие можат да го мерат. Испитаните личности, на пример, требало да забележат на скала од 1 до 10 колку се задоволни од својот живот.

Schweiz Wirtschaft Wirtschaftswissenschaft Bruno S. Frey
Бруно ФрајФотографија: Imago

Кај влијанието на парите врз чувството на среќа голема улога игра нивото на благосостојба. Така, сиромашниот човек е многу посреќен од некој богат ако ги удвои своите примања, вели Фрај. Со други зборови, кој има многу нема да биде посреќен ако добие уште повеќе. Секако, не е се‘ во парите. „Има многу фактори кои ја одредуваат среќата“, вели научникот Фрај. Покрај генетската предиспозиција, големо значење има пред се' здравјето, а потоа општествените фактори како што се пријателите и семејството.

За разлика од земјите кои се во екот на индустријализацијата, како што се Кина и Индија, чистиот економски раст веќе одамна не е главна цел во општества со благосостојба какво што е во Германија. „Други цели се поважни“, вели економистот Герд Вагнер, член на Управата во Германскиот институт за истражување на економијата во Берлин. „Ниската невработеност, одржливите државни финансии, добар здравствен систем, како и демократија и слобода - се' се тоа цели на кои, според нашето истражување, им се придава поголема важност отколку на економскиот раст.“

Економскиот раст може да помогне во остварување на тие цели, но не е нужно потребен. „Невработеноста може да биде избегната така што ќе се намали бројот на работни часови во неделата. Луѓето се подготвени помалку да работат ако нивните примања и покрај тоа останат доволно високи. А тоа зависи од напредокот на продуктивноста, а не од економскиот раст“, вели Вагнер. И солидната состојба на државните финансии може да се постигне без економски раст. „Може да се трошат помалку пари, така ќе се намали и долгот на државата. Или можат да се зголемат даноците. Не мора, значи, секогаш да постои економски раст.“

Демократијата усреќува

Политичките фактори исто така влијаат на тоа дали се луѓето задоволни од својот живот. „Луѓето во демократија се посреќни отколку оние во авторитарните или диктаторските општества“, вели истражувачот на среќата Бруно Фрај. Луѓето се особено среќни ако политичките одлуки се разбирливи и ако на нив може директно да се влијае, најдобро на локално ниво.
ЕУ, според мислењето на Фрај, има „голем дефицит на демократија“.

Symbolbild Familenpolitik Familie mit 2 Kindern
Приватниот живот игра голема улога во чувството на среќаФотографија: imago/imagebroker

Истражувањата редовно потврдуваат, а најново е она на американскиот институт Пев Рисрч Центар од Вашингтон, дека малку граѓани на ЕУ им веруваат на политичките институции. „ЕУ би морала почесто да допушта директни референдуми за важни прашања“, смета Фрај, кој како Швајцарец е уверен во предноста на директната демократија. „Така ЕУ би можела да воспостави врска меѓу европските прашања и она што на луѓето им е навистина важно.“
Најмалку на 20 милиони луѓе во ЕУ им е многу важно прашањето како да најдат работа. Моментално има толку многу невработени, не сметајќи ги оние кои се долго без работа.

Несреќата на невработеноста

Високата стапка на невработеност, според истражувањата на среќата, е особено голем проблем, вели Фрај. Обично луѓето не остануваат долго несреќни, ако им се случи нешто непријатно, некоја несреќа или долга кобна ситуација. По некое време чувството на задоволство се враќа повторно на првобитното ниво.

Symbolbild Spanien Arbeitslosigkeit
Невработените еднакво несреќни?Фотографија: CESAR MANSO/AFP/Getty Images

Различно е со невработеноста. „Оној кој ќе остане без работа навистина станува многу понесреќен од порано“, вели Фрај. Парите кои луѓето ги добиваат како невработени во тоа не можат ништо да променат. Само ново работно место ја враќа среќата, барем кај мажите. „Нашите истражувања покажуваат дека мажите инаку остануваат со ниско ниво на среќа“, вели Фрај. „Жените во тоа се поспособни да се прилагодат - тие си наоѓаат важни задачи во семејството и набрзо се чувствуваат подобро.“