1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гиљермо Фарињас - добитник на наградата Сахаров

15 декември 2010

Во Стразбур, на Гиљермо Фарињас денеска (15.12) му се врачува наградата „Сахаров“ за човекови права на Европскиот парламент. Но, кубанскиот дисидент не смее да дојде на доделувањето на наградата.

https://p.dw.com/p/QYbS
Гиљермо Фарињас е еден од најпознатите противници на кубанската владаФотографија: dpa

На Гиљермо „Коко“ Фарињас никој не може да му каже дека потклекнал под притисокот на кубанската влада. 48-годишниот психолог и новинар оваа година 135 дена штрајкуваше со глад, борејќи се за ослободување на 26 заболени опозиционери. Тој го прекина штрајкот кога Католичката црква на Куба најпосле го објави предлогот за компромис на режимот, постапно да пушта политички заробеници. Тие се дел од 75-те дисиденти уапсени во бранот апсења во 2003 година, познат како „црна пролет“.

Почеток на промените на Куба

Logo Sacharow Preis
Наградата Сахаров за човекови права на Европскиот парламент годинава ја доби Фарињас

Штрајкот со глад Фарињас го започна дента по смртта на политичкиот заробеник Орландо Сапата Томајо, на 23 февруари годинава. Општествениот критичар и покрај потешкотиите смета дека на Куба веќе се случуваат промени:

„Сметам дека ситуацијата на Куба наеднаш се промени. Владата е во дефанзива. Најнапред тоа е заслуга на демократското движење на Куба, кое се бореше за ослободување на политичките заробеници.“

Фарињас е роден во Санта Клара, срцето на островот, и поради тоа што 23 пати штрајкува со глад стана еден од најпознатите противници на владата, најпрво на Фидел Кастро, а потоа и онаа на неговиот брат Раул.

Кубанскиот народ живее во постојан страв

Che Guevara T-Shirt
Таткото на Фарињас се борел заедно со Че ГевараФотографија: AP

Како син на револуционер, кој се борел заедно со Че Гевара за време на кризата во Конго во 1965 година, уште во својата младост посегна по оружје во одбрана на Кубанската револуција. Во 1988 година тој дипломира психологија. Една година подоцна поради убиството на генералот Арналдо Охоа, обвинет за трговија со дрога и предавство, Фарињас доаѓа во конфликт со државното раководство. Тогаш истапува од Комунистичкиот младински сојуз и и’ се приклучува на опозицијата.

Во неговата книга објавена во 2009 година „Рендгенска снимка на стравовите на Куба“, Фарињас пишува за кубанското општество кое е под притисок, за стравот на Фидел од негова смена, како и за стравовите на обичните луѓе и заклучува: „Кубанскиот народ живее во постојан страв“.

Наградата „Сахаров“ е уште едно големо признание за долгата борба на Фарињас за повеќе демократија на Куба:

„Оваа награда им ја посветуваме на нашата татковина Куба, на нашиот народ, кој многу страда и на сите Кубанци кои умреа борејќи се за повторно воспоставување на демократијата во нашата земја.“

Автор: Ева Узи/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Горан Чутаноски