1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германци кои се „пронајдоа“ во Македонија

Кристина Озимец10 септември 2016

Сѐ повеќе млади луѓе од Германија решаваат да поминат одреден период во Македонија на работа и волонтерство. Земјата и регионот се особено интересни заради различната култура и начин на живот, велат младите.

https://p.dw.com/p/1Jfub
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Даниел Бернхарт е млад професионалец од Германија, кој веќе две години живее во Македонија. Тој во 2013-та се вработил како мировен работник во германска невладина организација која работи на ненасилни трансформации на конфликти, поле на кое сѐ уште работи и денес. Сега живее во Скопје и работи во граѓанскиот сектор на проекти за „справување со минатото“. Со неговите колеги организираат средби, изложби, младински кампови, тренинзи и.т.н.

„Иако учев доста за регионот на поранешна Југославијa, Македонија беше релативно непозната за мене. Ја имав посетено еднаш или два пати претходно, кога работев во Приштина пред пет години. Се чуствувам многу безбедно овде во Македонија. И мислам дека ова важи и за многу други мои пријатели во Скопје. Сакам да го нагласам ова заради перцепцијата која можеби многу луѓе во Германија ја имаат за Балканот и неговиот 'див имиџ'“, вели Бернхарт за Дојче веле.

Сѐ повеќе млади луѓе од Германија решаваат да поминат одреден период во Македонија за работа и волонтерство. Земјата и балканскиот регион се особено интересни заради различната култура и начин на живот, велат младите.

Даниел особено го импресионирале брановите на протести и хоризонтални политички непартиски движења кои ги видел во овие две години.

Дали си шпион?

„Ова не го очекував на почетокот кога дојдов. Тогаш неколку пати, на шега ме прашуваа различни луѓе дали сум шпион бидејќи доаѓам од странство и знам малку македонски јазик. Сепак, по третиот пат, навистина не ми беше веќе смешно. Дури бев загрижен за она што пропагандата може да го прави врз умовите на луѓето, кои може да имаат вакви чудни мисли кога ќе сретнат некој странец кој работи во нивната земја“, раскажува тој.

Mazedonien Daniel Bernhardt
Даниел БернхартФотографија: D. Bernhardt

Нагласува дека има голема почит за луѓето кои во ваква атмосфера се обидуваат да работат на промени во општеството, како активистите или новинарите од независните медиуми.

Тој во Македонија ја сретна и неговата партнерка Сарика Амрут, која исто така е од Германија.

„Ми беше понудена работа во Скопје во рамки на германската програма за развој и соработка во 2012-та. Бев многу среќна околу тоа, но мора да признаам дека тогаш морав да побарам на мапа и во литература за да ја видам точната локација и да дознаам повеќе за земјата“. Кога пристигнала бргу сфатила дека повеќето од луѓето во Македонија се многу пријателски настроени и грижливи, секогаш подготвени да помогнат спонтано. „Импровизацијата и флексибилноста изгледа овде е голема сила кај луѓето“, додава таа.

Една од најинтересните работи на почетокот ѝ биле секојдневни ситуации кои никогаш не би се случиле во Германија.

„Видов луѓе во Скопје како во супермаркет плаќаат за нивното пазарење со картичка и како ѝ го кажуваат бројот од пинот на касиерката, пред сите други клиенти кои стојат во редот. Ова беше една многу изненадувачка работа за мене“, раскажува Амрут.

Најголемо изненадување и за двајцата сепак бил проектот „Скопје 2014“, за што велат дека не е потребен поопширен коментар.

„Ја сакам Македонија. Таа е мала земја, но има многу да понуди. Само, во поглед на размена и можности за младите, поголемите земји како Германија нудат повеќе шанси за развој за младите луѓе во различни насоки, културно и професионално“, додава Амрут.

Едногодишна пауза меѓу средно и факултет во Македонија

Џенифер Ној и Џул Комати се две млади волонтерки кои живеат веќе една година во Скопје. Работат со организацијата „Надеж“ во Шуто Оризари, каде им помагаат на децата со нивните домашни задачи и заедно со наставниците ги учат англиски и германски јазик.

Mazedonien Skopje - Jule Komati - Volontärin bei NGO Nadez
Џенифер НојФотографија: DW/K. Ozimec

Џул Комати искуството во Македонија го опишува како прекрасно. Таа завршила средно училиште минатата година, по што дошла директно во земјата.

„Никогаш не очекував дека ќе го научам јазикот за една година. На почетокот не знаев како ќе реагираат на тоа што некој од Германија на иста возраст доаѓа и се плашев дека можеби ќе мислат дека им солам памет, но на крајот излезе супер. Откако ќе завршам овде со активностите ќе одам во Германија да се запишам на универзитет“, вели Комати.

И Џенифер Ној само што завршила гимназија и направила пауза од една година меѓу средното училиште и универзитет. „Не знаев сѐ уште што да учам, па една година надвор од Германија дојде како супер опција, по што почнав да истражувам за балканските земји. Во нашето образование немаме речиси ништо за Балканот освен за балканските војни, и затоа сакав да дојдам и да видам сама како е. Целото искуство е неверојатно, на почетокот беше голем предизвик, бидејќи беше целосно различна средина од мојата. Не знаев кирилица, но потоа сфатив дека и не ми треба да знам толку многу зборови за да комуницирам. Луѓето се многу срдечни и доколку видат дека се обидуваш да користиш некои македонски зборови, ќе бидат повеќе од благодарни и ќе помогнат за што и да ти треба“, вели Џенифер Ној.

Пазарите и флексибилноста- најубави

Тие велат дека дефинитивно најразлична работа меѓу Македонија и Германија е разбирањето на времето.

„Овде е сѐ многу похаотично, но на некој добар начин. Во Германија сѐ е толку организирано, што преместување на нешто за пет минути ќе го упропасти целиот распоред и план. Овде работите се преместуваат за пола час и ништо не се сменило, затоа што сите се поспонтани и некако многу повеќе флексибилни“, вели Џенифер.

Како едно од најубавите места за другите Германци и странци ги препорачуваат пазарите и ритуалот за пиење кафе.

Mazedonien Skopje - Jennifer Neu - Volontärin bei NGO Nadez
Џул КоматиФотографија: DW/K. Ozimec

„Многу е кул што може да отидете на пазар и да ги купите сите овие работи. Веројатно моите омилени места се Бит пазар и Чаршијата, можеш да поминеш и да си купиш сѐ и сешто, многу е автентично“, вели Џул.

„Би ја препорачала кафе културата. Луѓето се договараат во кафе барови за да се сретнат и да пијат кафе, чај, било што, тоа го прават и навечер, мислам дека никогаш не сум излегла во Германија за да пијам кафе, обично тоа се прави по пат на улица. Целиот ритуал, разговарањето со пријателите, го сметам за многу интересен“, додава Џенифер.

Двете млади волонтерки имаа шанса да престојуваат во Македонија за време на една од најбурните години на политички и општествен план. Протестите беа дел од секојдневието на улиците, што им оставило голем впечаток при нивниот престој.

„Многу голем фан сум на оваа идеја за мирна револуција. Ми се допаѓа начинот на кој се изразува правото на протест. Една од најинтересните работи беше кога ставија сапуница во главната фонтана на плоштадот. Ми се допаѓа тоа што е спонтано, никој не е повреден и нема голема штета потоа. Ја крева свеста и луѓето постојано говорат за тоа. Ми се допаѓа идејата со боите, бидејќи не е насилна како и генералната идеја на обидите на мирен начин да се дојде до промени. Се воодушевувам на упорноста која ја имаат луѓето, неколку месеци без престан да одат по улиците секоја вечер, за нивните барања“, вели Џенифер.