1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците се’ поскептични кон политиката на САД

3 ноември 2009

Додека тече првата посета на САД на реизбраната германска канцеларка Ангела Меркел, во Германија завладеја своевидно отрезнување кога станува збор за новата ориентација на политиката на САД.

https://p.dw.com/p/KMZC
Канцеларката Меркел и претседателот ОбамаФотографија: AP

Констанце Штелценмилер, експерт за надворешна и безбедносна политика во Германскиот Маршалов Фонд во Берлин, веќе подолго време набљудува како Европа и Америка се оддалечуваат една од друга. Нејзиното објаснување гласи: Трансатлантските односи денес мораат да функционираат со сосема поинакви историски услови отколку за време на Студената војна, со еден јасно дефиниран и пред се’ заеднички непријател. „Денес е многу потешко за Американците и за Европејците да идентификуваат каде се заканите и предизвиците за кои имаат слични погледи. И изгледа дека комплексноста на темите со кои денеска се занимаваме, од финансиската криза преку Иран до Авганистан, ги преоптоварува политичарите.“

Европејците и Германците се наоѓаат во недоумица

Иако популарноста за самиот Обама е околу 80 проценти повисока од неговиот претходник Буш, сепак само 13 насто од Германците го поддржуваат барањето на американскиот претседател за зголемување на трупите за воениот ангажман во Авганистан, говори последната анкета на германскиот Маршалов Фонд.

Професорот Јирген Вилцевски, политиколог и експерт за Америка на универзитетот во Кајзерслаутерн, истакнува: „На претседателот Обама од една страна му беше доделена Нобеловата награда за мир, за што се радуваа многу луѓе и големи делови од светската јавност. Од друга страна, токму Обама е тој кој сега ќе ја прошири, односно ќе ја ескалира војната во Авганистан. И токму тоа укажува на недоумицата во која сите се наоѓаат.“

Symbolbild Obama Deutschland
Обама се’ уште ужива голема популарност во ГерманијаФотографија: AP / DW-Montage

На мало воодушевување наидуваат и апелите за помош на Обама до Германија - да прифати некои од затворениците во Гвантанамо и да го олесни планираното затворање на овој логор, што во меѓувреме западна во ќорсокак.

Европејците и Америкаците дејствуваат заеднички во преговорите за спорната атомска програма на Иран. Но, на трансатлантските партнери по откривање на втората подземна постројка за збогатување ураниум во иранското место Гном не им преостанува ништо повеќе од нови санкции.

Фатално би било уште сега да се осудува Обама

Европејците, а особено Германците, се разочарани кога станува збор за најавите на Обама за пресврт во американската политика за климата. На претстојниот Светски самит за климата во Копенхаген, САД според сите предвидувања нема да можат да понудат ништо околу ограничувањето на глобалните емисии на јаглерод диоксид поради тоа што во Конгресот нема подготвеност за такво нешто. Во вакви услови изгледа дека во Германија е нарушен имиџот на Обама како наводен спасител, една година по неговиот избор за претседател.

Констанце Штелценмилер од германскиот Маршалов Фонд меѓутоа смета дека би било фатално уште сега да се осудува Обама: „Барак Обама во неговите говори и во неговата биографија докажа дека е неверојатно мудар, интелегентен и повеќестрано надарен човек, еден вистински исклучителен талент како политичар. Сметам дека еден таков претседател светот нема да види толку бргу. Значи мислам дека на Европејците им е во интерес за сорабутуваат со овој човек, зашто којзнае што доаѓа потоа? “

Автор: Даниел Шешкевиц/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема