1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-американско заедништво на вредности

21 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AcSG

Германскиот канцелар Герхард Шредер вчера пристигна во Њујорк на средба со еврејските организации и на предавање на наградата "Глобално водство". Меѓутоа, поради терористичките напади во Истанбул, тие настани се најдоа во заднината. Веднаш по пристигнувањето сојузниот канцелар Шредер се најде пред микрофоните за да го каже својот став за настаните во Истанбул: "Тоа е навистина злосторнички напад кој уште еднаш покажува дека борбата против меѓународниот тероризам не е добиена и дека мора да продолжи решително и консеквентно. Се укажува на тоа дека постојат врски со Ал Каеда. Не дека тоа можеме дефинитивно да го кажеме, но така се чини. И затоа мислам дека вистинската последица е борбата консеквентно да продолжи".

И за време на предавањето на наградата во Институот за модерни германски студии најнапред стана збор за нападите во Турција. Шредер го стави настрана претходно подготвениот говор. И место да ги фали реформите во Германија, тој се осврна на германско-американското заедништво, заедница на вредности во бобата против теророт: "Оној што ги следи вестите од Турција за овие страшни атентати извршени од меѓународниот тероризам, тој мора да дојде до убедувањето дека и покрај разликите во мислењата меѓу Американците и Германците во областа на економијата, културата или во политиката што ја спроведуваме, во овој случај сме бескомпромисно заедно". Во многу емоционалниот говор пред повеќе стотици американски водечки бизнисмени, Шредер недвомсилено демантираше дека во Европа или во Германија кај младите постои голем антиамериканизам: "Не постои поголема бесмилица од оваа. Ако нешто постои кај европските млади, како и кај германските, што се однесува до нивниот живот, тогаш тоа е наклоноста кон Америка, понекогаш дури и преголема". И во разговорите со еврејските организации што Шредер ги водеше заедно со министерот за надворешни работи Јошка Фишер, доминираше темата тероризам. Американските Евреи побараа од Германија да направи повеќе против антисемитизмот во Европа, како и да го спречи скриеното собирање пари во Германија за исламските терористи.