1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското пливање се враќа на патеките на успехот

3 август 2009

На неверојатното Светско првенство во пливање во Рим, Германија имаше две суперѕвезди - Брита Штефен и Паул Бидерман. И двајцата освоија по два златни медала соборувајќи ги дотогашните рекорди на тие патеки.

https://p.dw.com/p/J2LE
Рим 09Фотографија: DPA

На вчерашниот последен ден од натпреварувањата во Рим, Брита Штефен го освои вториот златен медал на 50 метри слободно со време за светски рекорд од 23,73 секунди. Штефен со тоа потврди дека е најбрзата пливачка во светот и го повтори успехот од Летните Олимписки Игри во Пекинг минатата година. Зад неа во вчерашната трка останаа Тереза Алсхамар од Шведска, која беше второпласирана, како и Австралијката Кејт Кемпбел и Холанѓанката Марлеен Велдхуис, кои го поделија брознзениот медал.

Britta Steffen gewinnt Gold über 50m Freistil
Во „Форо Италико“ во РимФотографија: AP

Ова беше четврти медал за Штефен на светското првенство, кој како што рече беше изненадување и за неа самата: „Ми недостасуваат зборови. Никогаш не помислив дека навистина ќе ми успее уште еднаш да славам на 50 метри. Тоа беше премногу. Тоа беше неверојатно“, истакна Штефен.

Бидерман изненадување во Рим

И Паул Бидерман вчера успеја да освои уште еден медал. Откритието на светското првенство, кој во базенот „Форо Италико“ успеја да го победи големиот Мајкл Фелпс за цела должина на телото на трката на двесте метри слободен стил, овојпат со германската штафета 4x100 мешано го освои сребрениот медал. Паул Бидерман кој покрај светскиот рекорд на 200 метри го собори и светскиот рекорд на легендарниот Австралиец, Јан Торп на 400 метри слободно заедно со Хелге Мев, Хендрик Фелдвер и Бенјамин Штарке успеја да исплива европски рекорд на 4x100 мешано и да се пласира веднаш зад неприкосновените Американци, кои со Фелпс на чело повторно го соборија светскиот рекорд. Бидерман покрај спортските успеси во Рим имаше можност да се сретне со Папата Бенедикт 16-ти.

Paul Biedermann 400 Meter Freistil FINA
Два златни медала за БидерманФотографија: AP

Германија се враќа во врвот на пливањето

Рекордите, медалите и аудиенцијата кај Папата, се големите нешта по кои Бидерман ќе го памети Рим: „Сметам дека Рим ќе остане незаборавно доживување, засекогаш. Сите овие доживувања тука, впечатоците, сите луѓе, тука беше навистина нешто посебно“, изјави Бидерман.

Ако се вбројат успесите и на пливачите Томас Лурц и Ангела Маурер на долгите патеки, Германија од светското првенство во Рим си заминува со седум златни и вкупно 12 медали, колку што нема освоено од повторното обединување на земјата наваму. „Германија повторно се врати во Лигата на шампионите во пливање“, порача во Рим тренерот на репрезентацијата Дирк Ланге. Тој истакна дека во Брита Штефен и Паул Бидерман германското пливање сега има две водечки фигури, со кои ќе се напредува кон Лондон и Олимписките игри во 2012 година.

Flash Wochenrückblick Bildergalerie für 31.07.2009 Biedermann holt mit Weltrekord Gold
Паул Бидерман го победи Мајкл ФелпсФотографија: AP

Инаку првенството во Рим донесе неверојатно 43 светски рекорди, за кои многу придонесоа новите хај-тек пливачки костими. Од 2010 меѓутоа тие ќе бидат забранети и пливачите повторно ќе мора да користат само костими од текстил, така што некои од рекордите во Рим веројатно ќе траат вечно. И за крај уште и информацијата дека и покрај поразите што ги претрпе во Рим, Мајкл Фелпс со пет златни триумфи е најуспешниот учесник на светското првенство.

Автор: СН/АТ/дв

Редактор: Александра Трајковска