Германските ученици се ангажираат за Балканот
13 април 2012На македонски веќе може да се разбира во секојдневието. 19-годишната Лена Гро Траутман сега сака да учи и ромски. Од август минатата година таа доброволно работи во здружението „Учениците помагат“ во Скопје. Таму матурантката се грижи за ромските деца во населбата Шутo Oризари. Лена ги учи германски и англиски јазик, но помага и при градењето на детски игралишта за помалите деца.
„Многу од овие деца живет во многу лоши услови. Многу е важно да им се подари време и внимание“, вели младата девојка.
Да се помага и да се собираат искуства
Лена сака да го подбри животот на децата Роми, но и нејзиниот живот веќе се смени со едногодишната доброволна работа во Скопје.
„Работата во Шутка ми влеја многу самодоверба, која на друго место најверојатно немаше да ја стекнам“, вели Лена.
За нејзините досегашни искуства Лена говореше во Берлин на средбата на организацијата „Учениците помагаат“. Имено, покрај ангажманот на Балканот, здружението секоја година организира и иницијатива во Германија. За таа цел учениците на 14 јуни годинава ќе бидат ослободени од наставата и ќе работат во различни области. Нивната заработувачка ја донираат во различни проекти, за да им помогнат на врсниците на кои тоа им е неопходно.
Да се работи за добра цел
Секоја година на овој начин се собираат околу 1,6 милиони евра. Проектите се избираат на демократски начин, појаснува Феликс Лоренцен, соработник на организацијата „Учениците помагаат“ во Берлин.
„Имаме принцип, навистина учениците кои работат на социјалниот ден и да одлучат што ќе се случи со нивните пари. Tие ги гледаат проектите, кои можат да се изберат и одлучуваат кој проект ќе го поддржиме како фондација“, објаснува Лоренцен.
Годинава на избор има пет детски и младински проекти од Западен Балкан. Повеќето се одлучија за проект во Србија. Целта е да им се помогне на младите кои сториле кривично дело, при нивната реинтеграција во општеството.
Поддршка на лице место
За особено храбрите матуранти како Лена не е доволна само работа на социјалниот ден - тие сакаат да помагаат на лице место. Затоа посетуваат двонеделен интензивен курс за подготовка. Хауке Крам, на пример, на таков курс ги доби основните знаења за во 2007 година ширум Босна да работи на проектот со ученици од различни ентитети.
„На иста возраст сме со младите на кои се однесуваат проектите. На тој начин релативно брзо доаѓаме во контакт и немаме предрасуди“, раскажува Хауке. Токму локалните соработници се многу важни за знаењето донесено од Германија да се прилагоди на реалноста во земјата.
Европскиот парламент го наградува социјалниот ангажман
Овој ангажман е награден и во Брисел. На 31 март Европскиот парламент на здружението му ја додели граѓанската награда за извонреден социјален ангажман. Организацијата беше формирана за време на граѓанските војни во поранешна Југославија. Повеќемина млади од Бад Кројцнах во покраината Рајнланд Пфалц спонтано спакуваа хуманитарна помош во автомобилите на нивните родители и тргнаа на пат кон кризните региони, за самите да ја поделат помошта.
И за Лена е разбирливо само по себе да им се помага на младите во странство и да собираат нови искуства.
„Секој млад Германец би требало подолго време да замине во странство, за да ја смени својата перспектива - неговиот поглед на светот“, укажува Лена.