1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Германските” терористи насочувани од Пакистан

9 септември 2007

Продажба на хемикалии погодни за бомби во иднина само со земање лични податоци од купците? Барања исламските здруженија во Германија самите да ги пријавуваат екстремистите

https://p.dw.com/p/Be1P
Бригите Циприс, сојузен министер за правдаФотографија: dpa

Тројцата уапсени во Германија, осомничени за тероризам, според извештаи во овдешните медиуми биле насочувани од Пакистан и требало да извршат напади веќе во текот на овој месец. На тоа вршел притисок нивниот соговорник од организацијата “Унија за исламски џихад”, усоглесено известуваат весниците “Тагесшпигел” и “Ди Велт”, како и магазинот “Дер Шпигел”.

Сојузниот министер за правда Бригите Циприс изјави дека во моментов испитува дали треба да се регулира во иднина хемикалии погодни за градење бомби да се продаваат само со нотирање на личните податоци на купувачите. Циприс го смета за проблематично барањето да биде казниво дело престој во логори за обука: “Едноставно, многу е тешко да се подготви закон во кој ќе биде казниво учество на некоја манифестација, дури и ако на неа се учат работи кои ние посакуваме луѓето всушност да не ги знаат”. Циприс вели дека мора да има малку поконкретни подготвителни дејствија, што би биле инкриминирани.

Сојузната влада има намера исламските здруженија во земјава посилно да ги поврзе во антитерористичката борба. Бригите Циприс во изјава за денешното издание на “Билд ам зонтаг” вели дека е сигурна оти муслиманите во Германија не сакаат нивната верска заедница да западне во немилост поради радикализираните насилници. Поради тоа, заедниците треба самите да дејствуваат против тенденциите на радикализација и да ги пријавуваат потенцијалните екстремисти.

Министерот за внатрешни работи Волфганг Шојбле изјави дека има намера конференцијата со исламските здруженија да ја користи за подобрување на соработката со нив. Неговите соговорници во таа конференција биле исто толку шокирани од плановите за напади, колку и сојузната влада, вели Шојбле за весникот “Велт ам зонтаг”.