Германските ракети Патриот стасаа во Турција
21 јануари 2013Друг брод со холандските ракети Патриот исто така пристигнал во пристаништето Искендерун и товарот набрзо треба да биде истоварен. Согласно со одлуката на НАТО, Германија, Холандија и САД треба во Турција да постават по два модернизирани система од ракетите Патриот и секоја земја треба да испорача меѓу 350 и 400 војници.
Во рамките на оваа мисија, американската армија на почетокот од јануари испрати своја опрема и војници. До почетокот на февруари шест вакви ракетни системи треба да бидат оперативни - холандскиот во Адана, германскиот во Марас и американскиот во Газиантеп, што прави триаголник на југоистокот од Турција во близината на границата со Сирија, во којашто две години трае жестока граѓанска војна.
Ракетите земја-воздух Патриот можат во лет да уништат балистички проектили, крстосувачки ракети и авиони. Одлуката на НАТО за распоредување на овие проектили во Турција дојде по барање на Анкара по низа инциденти кога проектили од сириска територија паднаа на турско тло, при што имаше и човечки жртви.
Вакви ракетни системи од постарата генерација веќе беа разместувани во Турција во два наврата - во 1991 година во текот на Заливската војна и 2003 година во текот на војната против Ирак.