1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските политичари и нивниот бакшиш

Флоријан Нуш / Зоран Јордановски25 ноември 2012

Секој трет пратеник во Бундестагот има дополнителни приходи. Кога таа сума ќе се собере се добива бројка од 22,5 милиони евра. Во јавноста се дебатира дали дополнителниот ангажман е во ред, но Уставот тоа го дозволува.

https://p.dw.com/p/16pXq
Фотографија: picture-alliance/dpa

Норберт Шиндлер, пратеник во Бундестагот од Христијанско-демократската унија - ЦДУ. Тој во овој мандат има дополнителни приходи од најмалку 211 илјади евра. Керстин Андрее е пратеничка од Сојузот 90/Зелени. Нејзините дополнителни приходи се еднакви на нула.

Шиндлер уште е и земјоделец, потпретседател на Здружението на германските селани и член на надзорен одбор во едно земјоделско претпријатие. Многу работа, но, вели, можел се да постигне.

„Тоа е веќе ангажман од 80 часови неделно. Но, мора да имаш страст, како загар кој оди на лов и кога има магла или силен мраз“, објаснува пратеникот Норберт Шиндлер.

Керстин Андрее е економистка. Таа е уверена дека кој сериозно си го сфаќа пратеничкиот мандат, воопшто не му останува време за дополнителна работа.

„Не ми се допаѓа кога се наведени дополнителни ангажмани кои бараат толку многу време, што всушност имам чувство дека тогаш не може вистински да се реализира пратеничкиот мандат“, вели Андрее.

Symbolbild Haushaltsdebatte Bundestag
Малку по малку вкупно се собираат 22,5 милиони евра од дополнителни приходиФотографија: picture-alliance/dpa

Комисиии, пратеничка група, пленарна седница, а потоа уште и во изборната единица. Веќе со ова за некои работи недостасува време, семејството да не го ни споменуваме. Меѓутоа, најголем проблем со споредните ангажмани е судирот на интереси, кој речиси нужно произлегува, смета парламентарката на Зелените.

„Најважна задача е интересите за кои кај некого се залагаат поединци, институции, стопански бранши или претпријатија, секогаш да се проверат: има ли некаков општ интерес во тие барања? А, тоа ќе биде тешко, ако името ти стои на платен список на некоја фирма, на пример“, вели Андрее.

Се разбира дека може да има и судир на интереси, но решавачки збор на крајот имаат избирачите. А, тие точно знаат кој сум, вели Шиндлер.

„Тоа е познато. Јас многу се залагам за виното, шеќерот и за прехранбените производи. На меморандумот ми стои ’Потпретседател на Сојузот на германските селани‘, а на задната страна и мојата приватна адреса. Јас имам отворен однос кон тоа, а секоја година и се објавува, па и другите го прифаќаат“, објаснува пратеникот Норберт Шиндлер.

Секој трет пратеник во Бундестагот има и дополнителни приходи, а најголем дел се од партиите на Унијата и Либералите. Севкупен заеднички износ - најмалку 22 ипол милиона евра. Уставот изрично дозволува такви дополнителни ангажмани. Неговите составувачи не сакале парламент составен само од професионални политичари.

„Додека порано во преден план беше поставено оти нормативен идеал би бил пратениците да не се зависни од нивниот мандат - значи, да имаат и други приходи, ние денес дискутираме за тоа колку е независен некој, кој во значителна мера живее од ангажман, на пример, во областа на стопанството. Ние, значи, сега критички гледаме на споредните приходи“, вели Јулија Блументал, политиколог на универзитет „Хумболт“ во Берлин.

Bundestagsdebatte zu NSU Aufklärung
Уставот го дозволува дополнителниот платен ангажман на пратеницитеФотографија: picture-alliance/dpa

Честопати е многу краток патот од споредни приходи кон корупција, критикуваат невладини организации како Лоби контрол. Но, ни тие начелно не сакаат забрана за споредни ангажмани.

„Ако претходната професионална дејност продолжи во минимален обем паралелно со пратеничката функција за да се олесни враќањето во професијата по крајот на мандатот, тогаш е сосем в ред. Потешко е кога ангажманот нема никаква врска со поранешната работа, туку пратениците ги ангажираат токму во врска со мандатот“, изјави Tимо Ланге од невладината организација „Лоби контрол“.

Дебатата ја предизвика Пер Штајнбрик, од неодамна официјален социјалдемократски канидат за канцелар. Од 2009 година тој одржал околу 80 платени предавања и заработил најмалку 700 илјади евра, како што може да се прочита на неговата интернет-страница од Бундестагот. Досега сите пратеници мораа на интернет да ги објават споредните примања, но само во три категории: од илјада до три ипол илјади, потоа до седум илјади и над седум илјади евра.

Опозицијата бара задолжително објавување на споредните примања. Сигурно е дека ќе има нова регулатива. Но, целосна транспарентност, што на пример е обврска во Велика Британија, во Германија нема да има.