1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските клубови пред одлучувачки битки

Кале Копс/Б. Георгиевски23 октомври 2012

Во Лигата на Шампионите германските клубови се наоѓаат пред решавачки мечеви за пласман во натамошната фаза. Бајерн гостува кај францускиот Лил, додека во дербито на колото, Борусија Дортмунд го пречекува Реал Мадрид

https://p.dw.com/p/16Usn
Фотографија: AP

Бајерн Минхен за првпат сезонава е под резултатски притисок. Во третото коло од фудбалската Лига на Шампиони, баварците гостуваат во Лил, тим кој се уште нема освоено бод во годинешното натпреварување. На тимот на Јуп Хајнкес му оди добро во домашното првенство, но во најелитното европско натпреварување ќе мора да се вади по неочекуваниот пораз на гостувањето кај белорускиот Бате Борисов во минатото коло.

„Од тимот се бара победа“, концизен беше претседателот на Бајерн, Карл Хајнц Румениге.

Во сличен тон и тренерот Хајнкес.

„Мораме да одиграме на ниво на нашите можности за да победиме“, вели Хајнкес.

Кралевите во Дортмунд

Далеку потешка задача ја очекува Борусија Дортмунд во групата Д. Кај германскиот првак гостува шпанскиот- Реал Мадрид. По тешкиот пораз во локалното дерби против Шалке, од играчите се бара експресно да се вратат во ритам, за да не ја загубат шансата за пласман во нокаут фазата. Тренерот Јирген Клоп има многу повредени играчи, а голем дел и од оние кои се подготвени не се во посакуваната форма.

Champions League Manchester City Borussia Dortmund
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Секако дека го респектираме Реал, но немаме намера да ги менуваме дресовите уште во соблекувалните“, вели капитенот на Дортмунд, Себастијан Кел.

Третиот германски тим, Шалке в среда му гостува на англискиот Арсенал во Лондон. Со зголемена самодоверба по победата над Борусија во саботата во домашното првенство, играчите на Шалке очекуваат успех и на тешкото гостување. За тоа се свесни и играчите на Арсенал.

„Тие се технички добри, добро ја развиваат играта. Ќе биде интересно“, вели германскиот интернационалец во редовите на Арсенал, Пер Мертезакер, кој смета дека клучно за неговиот тим ќе биде да се сопре напаѓачот на гостите Клас Јан Хунтелар.

Двата тима засега се на првите две места на табелата во групата Б, Арсенал со 6, Шалке со 4 бода.