1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските војници на турската граница со Сирија?

Андреас Нол / Александар Методијев/ дпа19 ноември 2012

НАТО информираше денеска дека „сите планови се на маса за одбрана и заштита на Турција, ако е тоа потребно“, додека Германија очекува барање од страна на Турција за распоредување на ракетниот систем „Патриот“.

https://p.dw.com/p/16lZN
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Не зборуваме за зона забранета за летови“, појасни шефот на НАТО Андерс Фог Расмусен. „Ако ги распоредиме ракетите ’Патриот’, тоа ќе биде како чисто одбранбена мерка за одбрана и заштита на Турвија и распоредувањето би се случило на Турска територија“, објасни Расмусен.

NATO-Gipfel in Chicago 2012
Андерс Фог РасмусенФотографија: DW

Според пишувањето на германските медиуми, Турција денеска (19.11.) ќе побара од НАТО помош за заштита на нејзината територија. Со тоа на турско-сириската граница, која е во должина од 910 километри, би можел да биде поставен и противракетниот систем на германскиот Бундесвер. Германскиот министер за одбрана Томас де Мезие денеска во Брисел изјави дека се очекува Турција во текот на денот и формално да го поднесе барањето до НАТО за распоредување на овој одбранбен систем.

Иако многу политичари сметаат дека се работи за застарено наоружување, сепак противвоздужниот ракетен систем „Патриот“, од составот на германскиот Бундесвер, наскоро би можел да биде употребен на терен. Турската влада уште пред десетина дена најави дека како членка на НАТО ќе побара на граничното подрачје кон Сирија да биде поставен тој ракетно-одбранбен систем. Германскиот весник Зиддојче цајтунг пренесе дека на тоа прашање ќе биде позитивно одговорено и дека на границата кон Сирија ќе се одобри стационирањето на ракетите од типот „Патриот“ и една или две единици на Бундесверот со вкупно 170 војници.

Сепак се’ уште во употреба

Ракетниот систем „Патриот“ во склопот на германските единици се наоѓа од крајот на 80-тите години на минатиот век. Сепак, како типично вооружување од времето на Студената војна, тој систем во Германија ја загуби важноста. Многумина зборуваат за смалување или, краткорочно, за целосно укинување на тие единици. Сега, како што се споменува, би можеле две до три батерии да бидат испратени на турско-сириската граница. Таквата мисија, како што порачаа од германското министерство за одбрана, би служела за „заштита на Турција“.

Deutschland Verteidigungsminister Thomas de Maiziere in Berlin
Томас де МезиеФотографија: dapd

Сепак, мисијата на Бундесверот во Турција не би била целосно безопасна, како што се обидуваат да покажат некои политичари. Дефанзивното оружје може да биде употребено и како офанзивно, а со евентуалното соборување на некој сириски авион Германија би била автоматски вклучена во воениот конфликт.

Нема мисија без мандат

Затоа и германската опозиција се крена на нозе. Политичарот од Зелените Омид Нурипур жестоко се спротивставува на некоја нова мисија на Бундесверот.

„Ќе и’ препорачам на мојата пратеничка група во Бундестагот јасно да го одбие праќањето на германските војници на турско-сириската граница, бидејќи во таква ситуација постои голема опасност тие да бидат вовлечени во во непрегледен конфликт во Сирија, без мандат на меѓународната заедница. А, тоа никој не го сака“, јасен е Нурипур.

Syrien Bürgerkrieg Angriff auf Ras al-Ain
Во НАТО не станува збор за формирање зона за забранети летовиФотографија: Reuters

Експертот за одбранбени прашања на Социјалдемократите, најголемата германска опозициска партија, Рајнер Арнолд побара за такво едно можно сценарио да се спроведе јавна расправа. Политичарот од СПД одговорен за надворешни прашања Гернот Ерлер побара Бундестагот да одлучи за мандатот за воена операција, во случај да биде испратено барање од НАТО.

„Ние знаеме како тоа изгледа на границата меѓу Турција и Сирија. Таму постојат прекугранични борбени дејствија и со самото тоа и опасност во нив да бидат вклучени и германски војници. Затоа е неопходен мандат“, нагласи Ерлер.

Претставниците на германската Левица евентуалниот ангажман на Бундесверот на турско-сириската граница го оценуваат како „апсолутно неприфатлив“. Членот на партиското раководство Волфганг Герке изјави дека „и самата најава на таквите мерки се’ повеќе ја подгрева спиралата на насилства и омраза“.