1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските богаташи се за социјална правда

Марк Ерат/ Зоран Јордановски 23 декември 2012

Богатството во Германија е понерамномерно распределено од кога било досега. Богатите станаа уште побогати, сиромашните се’ посиромашни. Но, има и богати кои ја согледуваат таа неправедност и социјално се ангажираат.

https://p.dw.com/p/16NjA
Фотографија: Getty Images

Илјадници луѓе неодамна дојдоа на големата демонстрација во Берлин под мото „Умфертајлен“, или Фер-прераспределба, со барање државата повисоко да ги оданочи богатите граѓани.

За тоа се залага и Дитер Лемкул, што не е само посебе разбирливо - тој е милионер и оданочување на имотот директно би го засегнало. Богатството го наследил и тоа постојано му се зголемува.

„Даночната политика на сите претходни влади, првенствено на црвено-зелената, ги привилегира богатите. Во нивна полза беа речиси сите намалувања на даноците. Јас плаќам помалку данок отколку претходно, со оглед на моите примања плаќам далеку помалку данок и моето богатство речиси двојно се зголеми за последните десет-петнаесет години“, вели милионерот Дитер Лемкул.            

Лемкул, заедно со други богаташи, се ангажира за повисоко оданочување на имотот и за воведување посебна давачка за богатите. „Ако некој има петстотини илјади евра и мора да даде десет проценти од нив, тоа нема да го заболи“.

Aktionstag Umfairteilen
Фотографија: dapd

Јазот меѓу сиромашните и богатите не смее понатаму да се продлабочува, бараа демонстрантите. Но, колку е тој навистина длабок?

Застрашувачка неправедност, или сосема нормална?

Извештајот на сојузната влада за сиромаштијата и богатството, кој уште не е официјално усвоен. Тоа се петстотини страници впечатлива статистика.

Најбогатите десет проценти од населението поседуваат повеќе од половина од вкупниот приватен имот - пари, акции, недвижности.

Посиромашната половина од населението поседува одвај 1 процент од вкупниот имот. Застрашувачка неправедност?

Сосем нормална, вели економистот Џакомо Корнео, кој со години научно се занимава со распределбата на богатството во Европа. Во многу индустриски земји, според него, јазот меѓу богатите и сиромашните е далеку подлабок отколку во Германија, а досегашните обиди за поправедна распределба пропаднале.

„Данокот на имот имаше сериозна и добра цел - подобра распределба на богатството, но не е соодветен како инструмент за постигнување на таа цел. Многу подобри инструменти се данокот на наследство и оданочувањето на приходите од имот“, подвлекува економистот Корнео.

Aktionstag Umfairteilen
Фотографија: Reuters

Дали е потребен данок за богатите?

Данок за богатите - владата е против, а социјалдемократите и другите опозициони партии во тоа открија нова тема за предизборната борба.

„Се разбира дека ние ќе ги направиме предизборна тема јасните алтернативи што ги имаме токму кај даночната политика, во која се искажуваме за повисоко оданочување на богатите и на оние со највисоки примања во земјава. Со тоа луѓето во Германија да знаат: само со црвено-зелена коалиција може да има напредок во борбата против сиромаштијата кај нас“, смета Андреа Налес, генерален секретар на СПД.

Кристијан Штребеле, парламентарец на Зелените пак е на став: „Има големо незадоволство, кое досегнува и длабоко во круговите на богатите. Тие велат, последните години и децении натрупавме толку многу пари, тоа дури не го ни сфаќаме и подготвени сме нешто да сториме“.

Подарени три милиони евра поради социјална одговорност

Ја посетуваме Фондацијата за деца во Кројцберг, Берлин. Петер Акерман стави на располагање три милиони евра за помош на социјално запоставените - со стипендии, уредување на слободното време, лично образование. Тоа го прави од лично чувство за социјална одговорност. Тој така го сфаќа Уставот.

„Богатството обврзува, неговата употреба треба да и’ служи на заедницата - член 14, став 2. Тоа сака да каже дека е само по себе разбирливо, кога општеството им овозможува на поединци да дојдат до натпросечно големо богатство, или во секој случај да имаат повеќе отколку што им е потребно, најлогично е тие да му го вратат тоа“, вели милионерот Петер Акерман.

Така смета и Дитер Лемкул. Тој е уверен дека богатите како него треба да бидат обврзани да покажат поголема солидарност. Идејата има голем број приврзаници во Германија.