1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот глас на Роберт де Ниро

10 декември 2009

Во Германија странските фимови се синхронизираат. Гласовите на холивудските ѕвезди им ги позајмуваат германски актери. Најпознат синхронизатор е Кристијан Брикнер, кој 30 години е германскиот глас на Роберт де Ниро.

https://p.dw.com/p/Kz0W
Кристијан Брикнер наречен „Гласот“Фотографија: picture-alliance/ dpa

Филмот Казино е само еден од десетиците во кои Германците го слушаат гласот на Кристијан Брикнер во сцените во кои говори Роберт де Ниро:

„ Пет минути по излегувањето од студиото за синхронизација се’ уште говорам така. Во спротивно би говорел поинаку. Да, тој глас има нешто, нешто што опушта. Де Ниро има искуство пред камерата, тоа е јасно. И поголемиот дел од она што го работи е вау“

Гласот на Кристијан Брикнер звучи возбудливо, дури еротично. Тој само скромно вели дека гласот му е подвижен. На радио со неговиот глас се мамат слушателите. Дебелите романи ги претвора во тенки дискови за слушање додека се вози.

Победил на кастингот кај Мартин Скорсезе

Robert de Niro in Taxi Driver
Роберт де Ниро во улогата во филмот „Таксист“Фотографија: AP

И кога ги синхронизира филмовите како „Хитлеровите помошници“ или „Хитлеровите жени“ неговиот глас никогаш не се заканува непријатно да ги оживее црно-велите слики на мрачните времиња, туку секојпат останува дистанциран.

„Тато има ли овде индијанци“, гласеше првата реченица која на филм ја изрекол Кристијан Брикнер во улога на „син“ на Џон Вејн.

А тогаш во 1976 година, режисерот Мартин Скорсезе барал германски спикер за гласот на Роберт де Ниро во филмот „Таксист“. Брикнер се појавил на кастингот и победил. Тоа го направило славен во германските кина, токму како и актерот. Оттогаш наваму тој е гласот на Де Ниро на германски.

„Ништо немам прифатено од него и тој не ме интересира како личност. Јас за него не знам ништо повеќе од луѓето кои одат во кино. Можеби дури и помалку од нив. Јас го синхронизирам и се обидувам да ги сватам неговите улоги. Тоа е се’“ , вели Брикнер.

„Гласот“ е медиумскиот прекар на Брикнер

Тој ја сака својата работа, на сцената и во студиото за синхронизација. За него тоа не се два различни света:

„ Не се обидувам да говорам поинаку отколку кога синхронизирам. Се обидувам да се соживеам со улогата. Тоа значи дека ја менувам бојата на гласот, се’ во зависност од ликот“.

Уште во 1971 година Брикнер го синхронизира Ален Делон во вестернот „Ривали под црвеното сонце“. Тука неговиот глас се‘ уште не е така познат. А сега Кристијан Брикнер се помири со фактот дека како актер е далеку помалку познат. Доволна сатисфакција му е тоа што е најуспешен германски синхронизатор. Медиумите одамна му го дадоа прекарот- „ Гласот“.

Автор: Гец Герсон/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска