1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Компензација за жртвите на антихомосексуалните закони

Чејс Џеферсон
22 март 2017

Германската влада одобри закон за обесштетување на обвинетите според законот со кој по Втората светска војна беше забранета хомосексуалноста. Германскиот министер за правда ја нарече иницијативата - одамна задоцнета.

https://p.dw.com/p/2ZjPA
Symbolbild Homosexualität Gay Männer Händchen halten
Фотографија: picture-alliance/Demotix/F. Lavoz

Германската влада предлага легислатива за компензација на мажите обвинети според срамниот државен Параграф 175 од Кривичниот законик, кој ја забранувал хомосексуалноста и ја направил казнива со драконски затворски казни. Околу 5.000 жртви на дискриминаторската законска клаузула сѐ уште се живи. Доколку новата легислатива биде воведена како што е очекувано, тие ќе може да бараат по 3.000 евра компензација плус дополнителни 1.500 евра за секоја година која ја поминале в затвор.

Германскиот министер за правда, Хајко Мас вели дека жртвите требало да бидат законски рехабилитирани и компензирани многу одамна.

„Рехабилитацијата на луѓето кои се осудени само поради нивната хомосексуалност е одамна задоцнета“, изјави Хајко Мас денеска во Берлин. „Тие биле гонети, казнувани и напаѓани од германската држава само поради нивната љубов кон други мажи, поради нивниот сексуален идентитет“.

Параграфот 175 беше воведен во 1871 година, но ретко беше применуван сѐ додека нацистичкиот режим не го прошири за да ги направи хомосексуалните дејства од каков било вид кривични дела. Законот беше задржан во западна и во источна Германија по Втората светска војна. Во западна Германија, според Параграфот 175 беа обвинети околу 54.000 лица во периодот помеѓу 1945 и 1994 година, пред истиот да биде избришан од Кривичниот законик во 1994 година. Жртвите на легислативата во нацистичка Германија беа законски рехабилитирани во 2002 година, но оние кои беа обвинети по војната не добија слично извинување.