Германија ја победи Португалија
10 јуни 2012Марио Гомез на фудбалска Германија и‘ даруваше оптимален старт на Европското фудбалско првенство. Пред 30.000 гледачи на стадионот во Л‘вов е постигната првата победа на првенството, но на нејзе мораше да се работи напорно. Пред крајот на натпреварот, во 73. минута, Гомез ја донесе одлуката. Стрелецот му се заблагодари дури и на селекторот Јоахим Лев: „Многу сум среќен што тренерот денеска ми даде доверба. Од почетокот имав добро чувство, од првиот ден откако сме овде. Вака вратив дел од укажаната доверба.“
Сојузниот тренер со составот на тимот направи се‘ како што треба. Во одбраната наместо Пер Мертезакер играше Матс Хумелс, а во нападот од почеток играше Гомез, а не Мирослав Клозе. Лев останува скромен: „Многу сум задоволен од постигнатото, затоа што во првиот натпревар, кој секогаш како што е познато е тежок, игравме многу добро тактички. Победивме со 1:0 и тоа е најважно.“
Клучна улога имаше одбранбениот играч Жером Боатенг, кој извонредно се покажа против португалската ѕвезда Кристијано Роналдо. По натпреварот Боатенг изјави: „Мислам дека супер одигравме како екипа. Роналдо не можете да го исклучите во текот на сите 90 минути, но добро се снајдовме. Мислам дека два или три пати шутна кон голот, но инаку добро игравме во одбрана. Целата екипа добро функционираше и во нападот и во одбраната.“
Колку победата над Португалија е навистина вредна ќе се покаже веќе во среда (13.06). Тогаш Германија во Харков игра против Холандија, која вчера, на изненадување на целата фудбалска јавност, загуби од Данска со 0:1.