Германија смее и натаму да казнува за инцест
12 април 2012Седумтемина судии во Европскиот суд за човекови права задолжени за случајот денеска едногласно ја отфрлија жалбата на Патрик С., осуден во Германија поради сексуална врска со својата сестра со повеќекратен престој во затвор досега.
Европскиот суд дојде до заклучок дека начинот на којшто се третира инцестот во Европа не е еднакво регулиран насекаде. Според судиите, меѓу 47-те земји членки на Советот на Европа не постои консензус по ова прашање. Тоа значи дека на германските власти им стои на располагање „широк простор за проценка“. Освен тоа, како што се вели во образложението на пресудата на Европскиот суд, случајот на Патрик С. е детално проверен и од страна на германскиот Уставен суд. Таму лицето од Лајпциг поднесе тужба уште во 2008 година, но таа му беше отфрлена. Против денешната одлука на судот во Стразбур може да се поднесе жалба во рок од три месеци.
Патрик С., роден во 1976 година, израснал во згрижувачко семејство, кое го посвоило. Дури како дваесетгодишник ја запознал својата седум години помлада сестра Сузан К., за која претходно не знаел ништо. Меѓу нив се развила љубовна врска, од која во периодот меѓу 2001 и 2005 година се родиле четири деца. Патрик С. беше осуден на казна затвор поради инцест. Во меѓувреме, парот живее разделено. Три од децата се дадени на живеење во згрижувачки семејства, а најмалата ќерка живее со мајката. Патрик С. ги обвинува германските власти дека го уништиле неговото семејство.
Со жалбата пред Европскиот суд за човекови права, Патрик С. и неговиот адвокат Ендрик Вилхелм имаа намера да издејствуваат од германскиот кривичен закон комплетно да биде изземена забраната за љубов меѓу браќа и сестри. Според жалбата, сосема е доволно општественото табу, а недоследен е и аргументот наведен како едно од централните обрзаложенија на германскиот Уставен суд, дека треба да се обезбедат здрави наследници. Ако е тоа така, тогаш „и на жените над 40 годишна возраст или на хендикепираните луѓе би требало да им се забрани да се размножуваат“, изјави адвокатот Вилхелм.