1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија следната година ќе бара половина милион работници

БГ
28 ноември 2016

Германските компании следната година ќе бараат речиси половина милион нови работници, во очекување на продолжен економски раст. Експертите велат дека од клучно значење е обезбедување обучена работна сила

https://p.dw.com/p/2TNeC
Symbolbild Zuwanderung von Fachkräften
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според анкета на Здружението на германската комора за индустрија и трговија, компаниите следната година планираат да вработат нови најмалку 450 илјади работници.
Цитирајќи ги резултатите од истражувањето, весникот „Билд“ јавува дека најголем апетит за нови работници е забележан во здравствениот сектор, секторот за нега, и во образованието, во кои ќе се отворат 150 илјади нови вработувања.

Уште 100 илјади работни места ќе бидат на понуда во малопродажбата и угостителството.

Директорот на комората, Мартин Ванслебен за „Билд“ изјави дека 2017 ќе биде 12-та последователна година на зголемена побарувачка на пазарот на работна сила. Тој вели дека најголема главоболка на компаниите во Германија им предизвикува недостатокот на обучена работна сила. Многу компании во моментов се натпреваруваат за да привлечат колку што е можно повеќе обучени работници и поради тоа се очекуваат „тесни грла“ во текот на следната година.

Поради недостатокот на работници, претставници на комората често пати ја потенцираа потребата од интеграција на мигрантите и нивно оспособување за пазарот на трудот во брз рок, притоа ветувајќи милиони за јазични курсеви и специјален тренинг.

Германија веќе со години е „ветена земја“ и за голем број граѓани на Македонија. Иако пристапот до германскиот пазар на труд е олеснет, заинтересираните мораат да бидат внимателни при изборот. 3.600 Македонци годинава добиле работа.