Германија си го бара златото на проверка
23 октомври 2012Германските медиуми денеска известуваат дека Централната банка одлучила да побара дел од своите резерви на злато да бидат вратени во земјата заради нивна проверка. Според првичните информации, во земјата ќе бидат префрлени околу 50 тони злато, чиј квалитет ќе биде проверуван.
Бундесбанката соопшти дека златото ќе биде стопено, затоа што тоа е единствениот начин да се провери неговата чистота, а потоа повторно ќе биде излиено во прачки.
Германските сојузни ревизори во понеделникот побараа од властите да извршат проверка на барем дел од 3.400 тони злато, вредно околу 133 милијарди евра, колку што земјата поседува како стратешка резерва во странство.
„Германските резерви на злато во странство никогаш досега не се исконтролирани за да се провери нивната автентичност и квалитет“, пишуваат ревизорите во извештајот.
Како и многу други централни банки, и германската дел од своите резерви чува во силни финансиски институции во странство, а најголемите резерви се стационирани во Федералната банка во Њујорк, во „Банк де Франс“ и во „Банк оф Ингланд“.
Праксата е востановена одамна, уште во периодот кога Германија чувствуваше потреба да ги заштити своите резерви поради стравот од заканите од Советскиот сојуз и од неговите источноевропски сателити.
Но во последниве децении, Бундесбанката не сметаше за неопходно ниту дека треба да ги преброи своите резерви на злато, а не пак да ја провери неговата автентичност и квалитет, и сметаше дека гаранциите од партнерите се доволни во тој поглед.
На почетокот на годинава, група пратеници во сојузниот парламент побараа да ги прегледаат резервите на злато во француската Централна банка, но беа одбиени од властите во Париз со образложение дека нивната банка не е место за посети.