1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија се надева на место во Советот за безбедност на ОН

12 октомври 2010

Во ОН ќе се бираат девет нови непостојани членки на Советот за безбедност. Германија, покрај Канада и Португалија, се надева на едно од двете слободни места предвидени за држави од Западниот блок.

https://p.dw.com/p/PcAk
Фотографија: AP

Германија не е фаворит. Канада и Португалија, од друга страна, се мошне силни противкандидати. Канада ужива добар углед во светски рамки и важи за доста неутрална нација, додека Протугалија, како мала земја, смета на поддршката од други мали земји - пред се` од Јужна Америка и Африка.

Министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле, укажа на предностите на Германија уште при неговата прва посета на Обединетите нации. „Ние, Германците, сме земја која не се залага за сопствените национални интереси, туку се ангажира и за оние глобалните: одржувањето на мирот, разоружувањето, климатските промени и развој преку меѓународна соработка, што особено не` квалификува за место во Советот за безбедност.“

Четиридневната посета во Њујорк, Вестервеле ја искористи за лобирање. На вкупно 23 билатерални средби, Вестервеле се сретна со негови колеги од други држави, а на појадок покани и десет арапски министри за надворешни работи.

Гласовите на малите нации одлучувачки

Westerwelle bei Clinton in USA
Министерот за надворешни работи Гидо ВестервелеФотографија: AP

Како и Португалија, така и Германија смета на гласовите на малите нации, кои сочинуваат мнозинство во светската организација. На говорот пред Генералното собрание, Вестервеле истакна дека токму овие држави биле запоставени во минатото: „На денешната архитектура на светот не би и` соодветствувало доколку Африка и Латинска Америка не се постојани членки во Советот за безбедност, а и Азија со право смета дека е недоволно застапена.“

Дали ваквата стратегија ќе вроди со успех, ќе се покаже на гласањето. На Германија и` се потребни две третини од гласовите за да добие привремено место во најпрестижното тело на Обединетите нации. Доколку исходот биде позитивен, дел од успехот ќе му се припише и на Вестервеле; во спротивно поразот ќе му биде пишан како минус во дипломатската кариера. Пред две недели, Вестервеле се покажа како внимателен оптимист во јавноста: „Имаме силни противници, но светот знае да ги цени нашите напори и може да се потпре на Германија како земја.“

Автор: Николас Бушлитер/ Далибор Стајиќ

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема