1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија очекува економски раст од само 0,7 насто

18 јануари 2012

И покрај тмурната атмосфера, владата е оптимистична дека германската економија по кусо оладување повторно ќе оди по нагорна линија. Сепак таа во Годишниот економски извештај ја намали прогнозата за економскиот раст.

https://p.dw.com/p/13lJc
Фотографија: dapd

Наспроти трендот во Европа, економијата во Германија во 2012-та година треба да расте- меѓутоа на ниско ниво. Ова е основната порака во Годишниот економски извештај на германската влада, што денеска во Берлин го претстави министерот за економија Филип Реслер.

Според извештајот економијата во земјата по силните 3 проценти во минатата година , во 2012-та ќе забележи раст од само 0,7 проценти. Во 2013-та растот повторно треба да се искачи на добри 1,6 насто.

„Германија е сидро на економската стабилност“

„Германија стои добро. Нашата економија е робусна“, изјави Реслер кој воедно е и вицеканцелар при претставувањето на Годишниот економски извештај во Берлин.

Investionsgipfel Investitions-Gipfel Rösler Berlin Wirtschaftskrise Krise
Германскиот министер за економија и вицеканцелар Филип РеслерФотографија: dapd

„За рецесија не може да стане ниту збор. Германија е и останува сидро на стабилноста и растот во Европа“ порача министерот за економија.

Намалена прогнозата за економскиот раст во Германија

Причина за економското заслабнување е несигурноста на пазарите на капитал поради високите државни долгови во еврозоната.

„Развојот на случувањата на финансиските пазари и особено во еврозоната е најголемиот ризик“, порача денеска Реслер.

Послабиот економски раст меѓутоа не треба негативно да се одрази врз пазарот на труд во Германија. Бројот на вработени лица и натаму ќе расте, сосема спротивно од трендот во Европа, прогнозира германската влада.

Автор: Катарина Бан/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска