1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија - нова татковина за многумина Грци

Марија Рогоцу/ Жана Ацеска2 јуни 2013

Невработеноста во Грција е драматична, посебно меѓу младите. Затоа, многумина одлучуваат да заминат во странство.

https://p.dw.com/p/18iXv
Фотографија: DW/M. Rigoutsou

20-годишниот Јоргос Поликрониадис и неговата две години помлада сестра Софија (насловната фотографија) веќе три месеци живеат во Германија. По повеќегодишно размислување и разговори со родителите, двајцата млади Грци најпосле се доселија во Германија. И тоа и покрај фактот што земјата ја познаваа само преку медиумите во Грција. А тие главно пружаат мрачна и негативна слика за Германија, која често ја обвинуваат за сите неволји кои ги има Грција во последните години.

Помош на новодојдените сонародници

Малку подобро информиран е таткото на Јоргос и Софија, кој тргувал со половни автомобили од Германија. Но, и неговиот бизнис го уништила економската криза. Животот во гратчето Скидра, на северот на Грција, станал тежок.

„Многумина останаа без работа. Тогаш падна одлуката: прво лани во Германија дојдоа нашите родители, а потоа и ние“, раскажува Јоргос.

Така семејството се нашло во келнскиот кварт Мешених. Помош при првите чекори во Германија на семејството му пружило Германско-грчкото стопанско здружение ДХВ, како и семејните пријатели кои со години живеат во Германија. Помошта била преку потребна, зашто, како што вели и Кристина Алексоглу Пателкос од ДХВ, многу Грци доаѓаат во Германија без претстава за животот во оваа земја. ДХВ им нуди помош на новодојдените сонародници на мајчин јазик, но последните месеци навалицата е толку голема, што не може на сите да им се помогне со практични совети. Таткото Никос преку ДХВ „подготвил терен“ за доаѓање на своето семејство.

„Јас му објаснив до кои институции треба да се обрати, кои документи терба да ги има со себе. А пред се‘: да почне интензивно да учи германски јазик“, објаснува Кристина Алексоглу Пателкос.

Einwanderer Familie aus Griechenland
Семејството ПоликрониадисФотографија: DW/M. Rigoutsou

Нови почетоци

Јоргос и Софија германски почнале да учат уште во Грција. По доаѓањето во Германија одат на интензивен курс на Народниот универзитет кој воедно е насочен и кон интеграција. Овде може да се научи нешто и за германското секојдневие и историја. Братот и сестрата се наоѓаат на почетокот на стручното образование. Јоргос во Грција завршил средно информатичко училиште, а Софија сака да стане медицинска сестра. Продолжувањето на образованието, почнато во Грција, е веќе договорено. Сите овие показатели зборуваат дека семејството Поликрониадис се подготвува за подолготраен престој во Германија. Зашто, Грција не е никаква опција.

„Во Грција најверојатно не би нашла работа, а ако најдам, би била толку слабо платена, што не би можела да си дозволам работи како автомобил, одмор, а долгорочно, ни семејство“, вели Софија.

Таа веќе ја заработила својата прва плата во Германија, заедно со својот татко и братот работи во погон за преработка на зеленчук. Со ова привремено вработување заработува нешто повеќе од илјада евра месечно. Софија веќе почнала да штеди за да купи автомобил.

Иднината - на север

Семејството Поликрониадис е задоволно со својата ситуација во Германија. Стравот од тоа што ќе го донесе иднината полека исчезнува. И стресот, постојаниот придружник на секојдневието во Грција, полека го снемува. Но, роднините и пријателите во Грција најмногу ги интересира како се снаоѓаат во „таа Германија“, за која во послендите години во грчките медиуми е создадена еднострана, целосно негативна слика.

„Ништо од тоа не е точно. Меѓу другото, во Грција сите се уверени дека овде ништо не се случува, дека нема забавен живот. Напротив, овде цел ден можете да сретнете добро расположени луѓе на улиците. Во Грција такво нешто речиси нема“, вели 18-годишната Софија.

Семејството Поликрониадис толку добро се чувствуваво Германија, што реши и својот најмлад син Илиас, кој сега полага матура во Грција, да го доведе во Келн. Така родителите решиле и третото дете да го извлечат од бесперспективноста и да го доведат во далечната Германија.