Германија не сака да фрла пари во грчкото буре без дно
27 мај 2012Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих во видео интервју за „Лајпцигер цајтунг“ синоќа предупреди од давање помош на Грција како во „бунар без дно“. Натамошната финансиска помош на Грција Фридрих ја доведе во корелација со исходот од претстојните избори во земјата:
„Оној кој бара помош и солидарност од нас, мора да прифати од него за возврат да добиеме извесна сериозност и разумност“.
Германија е подготвена да обезбеди помош за самопомош, но не е подготвена да фрла пари во бунар без дно, истакна Фридрих.
Грците при приемот на нивната земја во еврозоната „очигледно поверувале - ако влезат во неа, тогаш автоматски им е обезбедена благосостојбата“. Но, тоа е големо залажување. Една државна економија и „една земја мораат со својата стопанска сила да парираат на одредена валута“, изјави германскиот министер.