1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Закани со смрт во корона-жариштето Хилдбургхаузен

Ане Хен | Теса Клара Валтер
30 ноември 2020

Во округот Хилдбургхаузен инциденцата е меѓу највисоките во земјата. Мештаните и покрај тоа протестираат против мерките за заштита. Градоначалникот изрази критика и по примените смртни закани е под полициска заштита. 

https://p.dw.com/p/3m1a7
Hildburghausen Corona
Фотографија: Tessa Walther & Anne Höhn

Началникот на округот Хилдбургхаузен (ландрат) ги дочекува новинарите на отворено, пред неговото седиште. Томас Милер енергично се движи меѓу снимателите кои мрзнат тоа саботно попладне - на веѓите на Милер дури има слана. Уште од изутрината им одговара на прашања на новинарите кои се допатувани од сите страни на земјата во врска со растечкиот број на позитивни лица, демонстрациите на луѓе кои го негираат постоењето на корона, а сега и тој е под полициска заштита. Што ли се случува во Хилдбургхаузен?

Демонстрации на лица кои ја негираат короната

Пред неколку дена микс од негирачи на короната, загрижени граѓани и припадници на десничарската сцена демонстрираа во Хилдбургхаузен против мерките за заштита од корона. Според полицијата, не е јасно кој е организатор на протестите. 400 лица излегоа во центарот, пееја и не носеа маски, ниту пак држеа дистанца. 

Hildburghausen Corona
Градоначалникот Милер нема разбирање за корона-негаторитеФотографија: Tessa Walther & Anne Höhn

Сето тоа и покрај 588,6 новозаразени на 100 илјади жители во изминатите седум дена. На крајот полицијата го разби непријавениот собир. Началникот на округот Милер нема никакво разбирање за протестот. „Да парадираш врескајќи и пеејќи низ градот додека во болница умираат луѓе е морбидно”. Тој нема дилеми дека морал јасно да се произнесе. „Па одозгора и ќе ти се закануваат со физичко насилство и смрт”, додава во неверица.

Повеќе на темата:

Водени топови за разбивање на демонстрациите во Берлин

Германија дискутира: Каков да биде односот кон анти-корона протестите?

Коронавирус: Како стравовите од вакцина стануваат теории на заговор

Теорија на заговор: КјуАнон во подем

Откако Милер демонстрантите ги критикуваше како неодговорни, за возврат доби закани со смрт на социјалните медиуми. „Милер, ти глупава свињо. Земи си јаже и обеси се”, се вели во сега веќе избришаната објава. Милер од тогаш е под полициска заштита. Локалниот политичар веќе 26 години е одомаќинет во Јужна Тирингија. Вели дека речиси ги познава сите, а секој го познава него. Поради тоа заканите со смрт звучат уште пострашно.

Гласни демонстранти, тивко мнозинство

На стотина метри од неговиот кабинет е центарот на налик идиличното местенце Хилдбургхаузен. Единствените кои се постојано присутни на замреното пазарче се полицијата и неколку новинари во потрага по мештани за изјава за актуелната состојба. Но, луѓе не може да се видат надалеку, се чини дека тие го почитуваат „локдаунот". 

Само во маркетот на крајот на улицата има неколку граѓани. На повеќето воопшто не им годат протестите и вниманието што го привлекоа. Неодговорно, погрешно и тешко разбирливо е за мнозинството она што го прават демонстрантите. Една жена вака ги формулира своите чувства: „Тоа што се случува е свињарија што мора да ја истрпиме”. 

Берлин и Лајпциг во мало издание

Тоа што се случува таму според Милер е споредливо со демонстрациите против корона-мерките кои се одржуваа во Берлин или Лајпциг каде стотици, делумно и илјадници лица се собираа и постојано го повредуваа концептот за хигиена и дистанца и го загрозуваа разумното мнозинство. 

Во споредба со илјадници демонстранти во Берлин, 400-те во Хилдбургхаузен се чинат недостојни за споменување. Но, во гратче со околу 60 илјади жители бројките имаат своја тежина. Од каде се појавиле многуте случаи на заразени во округот, никој не знае точно. Заразата е дифузна, проширена е насекаде

Нови демонстрации во најава

Многумина во Хилдбургхаузен страдаат од карантинот: продавнииците се без промет, родителите со децата учат дома, а персоналот во болниците е преоптоварен. Но, се чини дека поголемиот дел седат дома и се придржуваат до ограничувањата: „Стискаме заби“, признава една сопственичка на продавница која е празна.

Училиштата се затворени од минатата недела, а за повторно да се отворат се активира Милер: за вторник е најавено масовно тестирања за учениците, по што би било можно нивно повторно отворање. Ова би било чекор кон враќање кон нормалноста.

Демонстрантите не се импресионирани од ова. На социјалните медиуми веќе кружат планови за нови протести. Градоначалникот Милер има само едно да додаде: „Останете дома. Опасно е не само за вас самите туку и за оние кои можете да ги заразите.“

Како и повеќето жители и тој се надева дека бројот на заразени наскоро ќе опадне и градот ќе се симне од насловните страници.