1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерално, фер изборна атмосфера

5 април 2009

Македонија по изборите, кои генерално минаа во добра и фер атмосфера, треба да се соочи со сериозни предизвици, оценуваат македонските политичари.

https://p.dw.com/p/HQop
Втор круг избориФотографија: AP

Изборите, за Европската унија, се еден од критериумите за Македонија да добие датум за преговори за полноправно членство. НАТО и вчера потврди дека по решавањето на прашањето за името државата ќе добие прием во Алијансата.

„Како народ и како држава се соочуваме со навистина големи, сериозни проблеми“, рече денеска, при гласањето, претседателот на Македонија Бранко Црвенковски.

Премиерот Никола Груевски го поздрави мирниот, фер и демократски изборен ден и истакна дека „тоа е добро за идните евроатлански процеси за иднината на државата“.

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов рече дека по изборите треба „да се почне со сите приоритети на агендата на оваа држава, пред се решавање на проблемот со името, кој е услов за евроинтеграциите и за влезот во НАТО“.

Опозициониот кандидат за претседател Љубомир Фрчкоски, откако гласаше во Скопје предупреди за можен неуспех да се дојде потребниот цензус.

Пакетот договор меѓу владините партнери „албанските гласачи го разбраа повеќе како, повик за бојкот, отколку како повик за договор“, рече Фрчкоски.

В.д. претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска, откако го оствари правото на глас, порача дека е најважно изборите да бидат фер и демократски, истакнувајќи дека вториот изборен круг, исто како и првиот, е значаен за европската иднина на Македонија.

Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска, откако го оствари правото на глас, изјави дека се надева оти и вториот круг од претседателските и локалните избори ќе поминат во најдобар ред. „Тоа е многу важно за Република Македонија и за нејзините евроинтеграции и членство во НАТО“, рече Ахмети.

АТ / МАКФАКС / МИА