1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гевгелија-град на културата во 2011 година

22 јануари 2011

Програмата за новата македонска престолнина на културата Гевгелија денеска (22.01.2011) ја претставија министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска и градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов.

https://p.dw.com/p/100MI
ГевгелијаФотографија: Petar Stojanovski

Манифестацијата Гевгелија-Град на културата во Македонија во 2011 година започна синоќа со Вечерта на староградски песни и настапот на Распеани Гевгеличани. Инаку домаќини на оваа манифестација што од 2004 година наваму ја организира Министерството за култура во соработка со општините досега биле градовите Штип, Велес, Прилеп, Битола, Радовиш и Кавадарци. Какви се искуствата на овие градови, и што значеше оваа манифестација за долгорочниот културен живот во нив?

Кавадарци во 2010 успешно организираше настани од највисок културен ранг

Elizabeta Kancevska Milevska
Македонската министерка за култура Елизабета Канчевска МилевскаФотографија: DW/Stojanovski

Кавадарци, градот на грозјето и виното изминатата 2010 беше центарот на културните збиднувања во Македонија. Како Град на културата во 2010 во него се одржаа рекорни над 400 најразновидни културни настани.Оваа манифестација во процесот на децентрализација на културата во Македонија многу го подигна нејзиниот квалитет, анимирајќи ги културните институции, но и аматерските здруженија и пред се‘ граѓаните. Кавадарци, иако периферен град, заслужено доби и успешно реализира настани и од највисок културен ранг, што е и целта на манифестацијата, а што ни недостасуваше во изминатите 20 години, потенцира за Дојче Веле, Владимир Темков, директор на Домот на културата носител на најголем дел од овие културни настани. ,, Mислам дека квалитетот на настани коишто ќе ги гледаат граѓаните на Кавадарци годинава ќе бидат за еден степен на повисоко ниво од 2010 година, квантитетот на настани сигурно нема да биде во тој обем, ама квалитетот на настаните и проектите што ќе се реализираат во 2011 година ќе бидат во насока на подобрување на културата и стекнатото искуство од 2010 година‘‘.

Platz in Veles, Mazedonien
ВелесФотографија: Petar Stojanovski

Велес со манифестацијата си го поврати изгубениот културен сјај

Велес, културниот центар на Македонија на 19-иот и почетокот на 20-иот век, по 60 годишна културна апститенција, како Град на културата за 2005 си го поврати изгубениот културен сјај и го воздигна на уште повисоко ново. Градот од поранешните 40 -тина со оваа манифестација во 2005 доби рекордни 255 настани и манифестациии, од кои најголем дел се задржани и денес. Тие воедно беа и се пример за останатите македонски општини кои конкурираат за Град на културата, истакна Катица Чадиева од одделот за култура на општината. „Благодарејќи на проект Велес-град на културата, Велес ги активираше сите расположливи потенцијали, ги доведе до флексибилност програмските содржини и тоа остана традиционално да се случува од година во година. Значи доколку не се случеше проектот Велес-град на културата, можеби ние се‘уште ќе живеевме и ќе ја имавме културата во некои клишеа и рамки во кои се држела цели 50—60 години.‘‘

Битола со манифестацијата само ги потврди своите високи културни квалитети

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
БитолаФотографија: Petar Stojanovski

За разлика од Кавадарци и Велес, кои до оваа културна манифестација беа само културни провинции, Битола како град на културата за 2008 само ги потврди своите квалитети за културните манифестации во изминати над 60 години, истакна за Дојче Веле Тодор Ивановски од одделот за култура на општината и појасни: „Мислам дека Битола таа година уште повеќе зрачеше со една посебност во тој дел на културата, макар што и во наредните години што доаѓаа Битола го задржа тоа темпо.‘‘

Уште една културна провинција, Гевгелија, ќе блесне со сиот свој сјај како нов македонски Град на културата во 2011 година. Предвидени се многу културни содржини и манифестации, меѓу кои Фестивалот на комедијата, манифестацијата Смоквијада, мултимедијалниот фестивал БОШ, Фестивалот на стороградски песни, етно фестивалот. Дел од програмата ќе се одржи и во соседните, помали населени места во општината, а ќе има гости и учесници од пограничните места од соседна Грција и од збратимените општини. Годинава се планира свечено да биде пуштена во функција реновираната од пред 13 години опожарена театарска зграда. Според ланското, анкетно барање на младите за повеќе културни настани, тоа и ќе им го понудиме преку оваа манифестација, како и на се‘ побројните туристи на градот, потенцира Љубчо Алексовски од одделот за култура на општината. „Со оваа манифестација сакаме и да ја подигнеме културната свест кај граѓаните. Освен тоа Гевгелија е на оној крстопат, влез на Европа каде што поминуваат и многу туристи и затоа сакаме да понудиме и за нив програма, затоа и ги спомнав тие прекугранични општини и збратимените општини кои ќе придонесат туристите кога ќе дојдат да застанат и присуствуваат на некој од тие културни манифестации‘‘.

Allee in Gevgelija, Mazedonien
ГевгелијаФотографија: Petar Stojanovski

За манифестацијата Град на културата за 2011 до Министерството за култура аплицирале рекордни 11 македонски општини

Општина Гевгелија е избрана за Град на културата во 2011 затоа што понуди осмислена и издржана културна програма со квалитетни и разновидни содржини. Воедно во отсуство на национална културна установа сакаме да им ја приближиме културата и на граѓаните од внатрешноста на Македонија, што е и цел на манифестацијата, истакнува Татјана Блажевска, портпарол на Министерството за култура. „Со изборот на Гевгелија за домаќин на културните настани сметаме дека ќе се потикне локалниот културен развој. Самиот факт што што оваа година за оваа престижна титула град на културата во 2011 година конкурираа рекордни 11 општини- апликанти покажува дека интересот и жедта на граѓаните за културни содржини во Македонија е многу голем‘‘.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Жана Ацеска