1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гасот повторно ги отвори фабриките

Горан Петрески22 јануари 2009

Индустријата во Македонија повторно може да работи на природен гас, кој стаса и во земјата по двонеделната блокада од Русија. Сега се пресметуваат штетите.

https://p.dw.com/p/GeHI
Рускиот гас пристигна и во МакедонијаФотографија: AP

Вентилите се отворени, првите кубици гас ги топлат фабричките печки на „Макстил“ и на фабриката за цевки „11. Октомври“ – двата индустриски капацитети во кои целосно беше запрено производството, бидејќи немаат можност за работа со друг енергенс. За активирање на погоните се подготвуваат и останатите дваесетина компании кои го префрлија производството на мазут. Според грубите проценки, загубата на „Макстил“ изнесува околу 150.000 евра дневно. „11. Октомври“ засега не излегува со бројки.

Нема алтернативи за греење

За среќа, Македонија немаше проблем како многу европски и балкански земји, кои останаа без греење. Земјата го избегна таквиот проблем благодарение на специфичната структура на енергетскиот систем што е базиран на електричната енергија како главен енергенс. Експертите кои ги консултираше „Дојче веле“ тврдат дека Македонија не треба да го смета тоа за предност. Според енергетичарот, професор д-р Ристо Цоцонков, најстрашно е тоа што огромни количества електрична струја се употребуваат за греење. Но, македонскиот енергетски систем не нуди алтернативи.

Skopje,Ulica Makedonija
Граѓаните, за среќа не останаа без греењеФотографија: DW

„Греењето на нафта е многу скапо и таа исто така врши загадување при согорувањето. Проблем при греењето на дрва е ако немате подрум, а и тие прават чад. На гас исто така не можете, бидејќи нема гасоводна мрежа во градот. Значи, ситуацијата ве тера да се греете на електрична енергија и многу граѓани купуваат електрични печки или греалки. Според мене, тоа е злосторство за електричната енергија“.

Се подготвува енергетска стратегија

Македонија подготвува стратегија што треба да и’ обезбеди долгорочна енергетска стабилност и да ја направи отпорна на непредвидени кризи како оваа со гасот. Министерот за економија, Фатмир Бесими, објаснува дека ќе се разгледаат постојните можности и алтернативите за развој на овој сектор. Како, на пример, подобрување на поврзаноста на енергетски систем.

Во Македонија на природен гас работат само 26 компании. Најпогодени поради двонеделниот прекин во снабдувањето беа двете извозно ориентирани фабрики кои немаат друга алтернатива за загревање на печките. Поради гасната криза на принуден одмор беа испратени околу 2.000 работници кои сега постепено ќе се враќаат на работа. Најголем потрошувач на гас во Македонија е скопската „Топлана“, која годишно троши околу сто милиони кубни метри гас. Сите останати фабрики заедно трошат околу 180 милиони кубни метри гас.