Галакси Ноут 7: Откриена причината за запалувањето
23 јануари 2017Јужнокорејскиот електронски гигант Самсунг соопшти дека причината за самозапалувањето на неговиот врвен смартфон Галакси Ноут 7 се грешка во дизајнот и производството на батеријата. Технолошкиот концерн притоа исклучи проблеми со хардверот и софтверот на телефонот.
Извинување за „потфрлањето“
Речиси 700 експерти при повеќемесечната истрага за откривање на причината тестирале повеќе од 200 илјади смартфони и преку 30 илјади батерии, соопшти концернот. Раководителот на секторот за смартфони, Ко Донг Џин, во Сеул им се извини на корисниците. „Нашата компанија ја презема одговорноста за нашето потфрлање да ги согледаме и потврдиме проблемите во дизајнот на батериите и во производниот процес пред пуштањето во продажба на Ноут 7“, истакна Џин.
Самсунг, лидер на пазарот на смартфони, со овој модел кој требаше да му биде конкуренција на Ајфон 7 на Епл, доживеа досега невиден дебакл во браншата. Загубите во оперативниот деловен процес, според компанијата, изнесуваат околу 5,3 милиони американски долари (околу 4,9 милиони евра).
Откако беа регистрирани првите самозапалувања на смартфоните Ноут 7, концернот во септември најнапред спроведе акција за замена на апаратите. Но и наводно побезбедните заменски апарати се загреваа, почнуваа да чадат и се запалуваа. Концернот потоа беше принуден целосно да ги прекине производството и продажбата на овој модел. Следуваа тужби од потрошувачите главно во САД и во Јужна Кореја. Досега 96 проценти од вкупно 3 милиони продадени и активирани апарати му се вратени на Самсунг.
Со анализата на грешките и објавувањето на резултатите, компанијата тежнее кон тоа да ја поврати загубената доверба кај муштериите, пред претставувањето на новиот врвен модел на смартфон Галакси С8.