1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Газа: надеж за примирје?

Агенции/Дојче веле16 јануари 2009

Израел ги продолжи нападите во појасот Газа, но и дипломатските контакти за решение на кризата. Израелската министерка за надворешни работи Ципи Ливни отпатува во Вашингтон, а преговарачот Амос Гилад во Каиро.

https://p.dw.com/p/GZZE
Израелската офанзива продолжуваФотографија: AP

По понудата на Хамас за примирје што треба да трае најмалку една година, можен е крај на израелската офанзива во појасот Газа. Портпаролот на израелската влада Марк Регев денеска најави дека кабинетот на премиерот Ехуд Олмерт би можел наскоро да прогласи крај на војната, откако ќе стигнат извештаите на двајцата дипломати. Едниот се очекува од министерката за надворешни работи Ципи Ливни, која во Вашингтон ќе се сретне со ресорната колешка Кондолиза Рајс, а вториот од израелскиот преговарач Амос Гилад, кој во Каиро ги сондира шансите за прекин на огнот.

Шефицата на израелската дипломатија Ципи Ливни со својата американска колешка на заминување, Кондолиза Рајс, треба да потпише договор против шверцот на оружје за потребите на Хамас во појасот Газа преку египетската граница. Други детали за договорот не се познати.

Во меѓувреме, Израел преговара и со египетските посредувачи за примирје со Хамас. Советникот за безбедност Амос Гилад синоќа ги информираше израелските министри за египетските напори и доби инструкции по седницата на израелскиот кабинет, кои сега треба да ги пренесе во Каиро. Израел од Хамас бара прекин на ракетирањето врз градовите долж границата со појасот Газа и прекин на дотурот оружје.

Борби со несмалена жестина

Во меѓувреме израелската армија ја продолжува офанзивата, вчера беше убиен министерот за внатрешни работи во владата на Хамас, Саид Сиам. Радикално исламистичката организација се заколна на одмазда, одговорот ќе следи со дела, а не со зборови, изјави претставник на Хамас.

Israelische Luftwaffe greift weiter Ziele im Gazastreifen an
Страдаат цивилитеФотографија: picture-alliance / dpa

Војната во појасот Газа особено ги погодува цивилите. Израелската армија синоќа нападна болница, употребувајќи фосфорни бомби, кои предизвикуваат тешки изгореници. Очајните роднини се обидувале да ги спасат пациентите со потешки повреди, извлекувајќи ги од болничките кревети од запалената зграда.

Остри критики предизвика и претходниот напад од Израел врз густо населениот центар на градот Газа и уништувањето на магацинот со хуманитарна помош од ОН. Во него беа складирани илјадници тони храна и лекови, а тука прибежиште имаа и околу 700 луѓе.

Осуда и критики

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, кој се наоѓа во посредничка мисија во регионот, упати остар протест до израелската влада. На прес-конференцијата во Тел Авив, Бан изјави:

„Упатив решителен протест, изразив вџашеност и од министрите за одбрана и надворешни работи побарав разјаснување на случајот. Министерот за одбрана Ехуд Барак ме увери дека се работи за тешка грешка. “

Ban Ki Moon mit Ägypten Außenminister Ahmed Aboul Gheit
Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун упати протес до израелската владаФотографија: AP

И германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер, кој исто така е во посредувачка мисија на Блискиот Исток, ги осуди акциите на израелската армија во Газа. На прес-конференцијата со палестинскиот премиер Салам Фајад во Рамала Штајнмајер беше директен:

„Извештаите кои ги слушаме, се застрашувачки. Напади врз објекти на ОН, можеби и врз болница. Ваквите воени операции се неприфатливи“, изјави Штајнмајер.

Од почетокот на израелската офанзива во појасот Газа досега загинаа околу 1100 луѓе, половината од нив се цивили.