1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гадафи побегнал во Алжир?

27 август 2011

Конвој оклопни возила, кој се движел од Либија кон Алжир, разгоре шпекулации дека либискиот властодржец Моамер ел-Гадафи побегнал во Алжир.

https://p.dw.com/p/12OfS
Моамер ел-Гадафи исчезна од денот кога бунтовниците влегоа во ТриполиФотографија: AP

Шест оклопни возила, според египетската новинска агенција Мена, во петокот (26.08.) изутрината ја напуштиле Либија, кај граничниот град Гадамес, во насока на Алжир. Агенцијата се повикува на информации од либиски воени извори. Наводно, колоната возила била ескортирана од страна на војници верни на Гадафи, се‘ до граничниот премин кон Алжир. Бунтовниците не можеле да го запрат конвојот поради недостиг на оружје и муниција. „Сметаме дека возилата транспортираа високи либиски официјални лица, можеби Гадафи и неговите синови“, изјавил неименуван извор за агенцијата Мена.

За ваквите наводи засега нема потврда од страна на Либија или Алжир. Гадафи го нема од денот кога бунтовниците навлегоа во Триполи. Алжир одбива да го признае бунтовничкиот Национален преоден совет. Според изјава од алжирското министерство за надворешни работи од петокот, владата во Алжир по ова прашање е „стриктно неутрална“.

Автор: ЕМФ/афп

редактор: Т.Тосев