1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

200809 Lockerbie Freilassung

21 август 2009

Атентаторот од Локерби Абделбасет ал - Меграхи е предвремено ослободен од затвор во Шкотска. Денеска (21.08.2009) во Велика Британија и САД се реагира огорчено на ослободувањето и на воодушевениот пречек во Либија.

https://p.dw.com/p/JFcS
Остатоците од авионот кај ЛокербиФотографија: AP

Приемот во Либија на Абделбасет ал - Меграхи, според Британката Памела Дикс, чиј брат загина во терористичкиот напад над Локерби пред 21 година, е сосема неодмерен. Шкотските парламентарци, исто така, критикуваат што при пречекот на Либиецот Ал-Меграхи во Триполи се веело и шкотско знаме. „Никогаш не сум се срамел поради моето знаме. Но, да се гледа како знамето се злоупотребува за да се слави масовен убиец, тоа е одвратно“, изјави лабуристичкиот пратеник, Расел Браун.

Протести и во Америка

Протести поради помилувањето на Либиецот ал-Меграхи, кого шкотскиот суд го осуди на доживотен затвор поради тоа што во декември 1988 година прошверцувал бомба во авионот на американската компанија „Пан Американ“, која експлодираше над Локерби и во која загинаа 270 луѓе, доаѓаат и од САД. Повеќе од разбирливо, ако се знае дека 189 од жртвите беа Американци.

Во соопштение на Белата куќа е изразено длабоко жалење поради ослободувањето. Американскиот претседател, Барак Обама бара домашен притвор за ал-Меграхи:

„Во контакт сме со либиската влада и сакаме да се увериме дека таму нема да му се посака добредојде, туку дека ќе му биде определен домашен притвор.“

Роднините на жртвите немаат разбирање за одлуката на шкотскиот министер за правда, да го помилува ал-Меграхи, поради тоа што е тешко болен. Брајан Флин, чиј брат загинал во атентатот, за шкотскиот министер Кени Мекаскил вели:

„Мојата прва реакција беше потсетувањето на зборовите на мојата баба, која секогаш велеше - што мислиш, кој си ти?“

Вџашена е и Стефани Бернстајн, која во нападот кај Локерби го загуби сопругот:

„Јас сум повеќе од згрозена и навистина не можам да разберам како можел да донесе таква одлука и како воопшто може да спие?“

Економски интереси за помилувањето?

Шкотскиот министер за правда, Кени Мекаскил својата одлука ја образложи со болеста на ал-Меграхи, кој има рак во краен стадиум:

„Донесов одлука господин Абделбасет Али Мохамед ал-Меграхи, осуден во 2001 година поради нападот кај Локерби, а кој има рак на простата во краен стадиум, да биде ослободен поради човечност и да може да се врати во Либија за да умре таму.“

Ал-Меграхи, поранешен таен агент, мина осум години во затвор во Шкотска. Тој во 2001 година беше осуден на доживотен зaтвор. Ал Меграхи постојано негираше дека е виновен. Во последните денови, пред да биде објавено помилувањето, во Велика Британија постојано се шпекулираше околу можноста зад помилувањето да стојат економски интереси. Британската и шкотската влада, се разбира, ги отфрлаат ваквите сомневања. Но, факт е дека британски фирми имаат голем интерес за црпење нафта и гас пред либискиот брег. Исто така, факт е дека меѓу двете земји имаше низа дипломатски контакти.

Lockerbie bomber Abdel Basset Ali al-Megrahi
Абделбасет ал -МеграхиФотографија: AP

Автор: Торстен Хун/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска