1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Второ примирје за 48 часа

Клеменс Ференкоте20 декември 2006

Втор договор за прекин на огнот меѓу Хамас и Фатах во рок од само 48 часа. Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, изјави дека се надева дека сега договорот и навистина ќе се почитува од сите страни.

https://p.dw.com/p/Ac0m
Фотографија: AP

Неколку минути по стапувањето на примирјето во сила, жителите на градот Газа повторно слушаа пукотници. Според зборовите на Абас, двете страни се договориле на улиците веќе да нема вооружени лица. На единиците им е забрането да пукаат, а освен тоа, според Абас, мора да се стави крај на хаотичното присуство на војска на улиците. Како сила која ќе се грижи за редот на улиците единствено ќе може да се види полицијата, која во најголем дел е под влијание на Фатах. Освен тоа, според договореното, треба да се создаде заеднички кризен центар, во кој ќе има офицери за безбедност и на Фатах и на Хамас.

Махмуд Абас и Исмаил Ханија телефонски се договорија да биде ставен крај на насилничките судири меѓу милициите на Фатах и Хамас. Но, за крај на борбата за моќ не може да стане збор. Премиерот Ханија, вчеравечер, во долг телевизиски говор се изјасни против намерата на Абас за одржување предвремени избори. За ваков чекор нема правна основа, нагласи Ханија, чија организација Хамас дојде на власт пред 11 месеци. Ханија, кој брзо по почетокот на говорот ги остави листовите настрана, говорејќи слободно, се спротивстави на нападите на палестинскиот претседател Абас, дека Хамас е виновен што разговорите за создавање влада за национално единство пропаднале: ”Палестинскиот народ останува обединет пред окупацијата и агресијата. Нема да влеземе во стапицата на внатрешно-политички борби и судири. Имаме волја одново да размислиме за да се оствари целта – повторно ослободување и враќање на нашето достоинство, достоинството на палестинскиот народ.”

Ханија аргументираше дека против неговата влада уште од почетокот била воведена економска блокада од страна на САД и Израел. Премиерот, кој во едноипол часовниот говор често се губеше во детали, пред камерите држеше и писма и документи за да ги поткрепи неговите тези дека Хамас не е виновен за конфронтацијата и избувнувањето на судирите,на палестинските територии, слични на граѓанска војна.

Во меѓувреме, палестинскиот претседател, Махмуд Абас се обидува да ја засили својата позиција со дипломатски иницијативи. Според информации на израелските медиуми, израелскиот премиер Ехуд Олмерт и Абас наредните денови треба да имаат разговори, од кои палестинскиот претседател, меѓу другото, очекува ослободување на палестинските затвореници од израелските зтавори. Во неговото опкружување се вели дека Абас може да собира поени за неговата политика само тогаш кога ќе презентира видливи резултати.