1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Вртоглаво растат „акциите“ на бабите и дадилките

18 септември 2020

Од отворањето на македонските градинки на 9-ти септември, има две заразени деца, по едно во Скопје и Струмица, и воспитувачки од Свети Николе и Битола.

https://p.dw.com/p/3ievY
Coronavirus - Sachsen - Kindergärten
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert

„Оние кои имаат баби што се во добра здравствена кондиција за да се грижат за внуците, или оние можат да најдат и да платат дадилка, тие имаат сѐ. Како да добиле на 'Лото'!“ Со овие зборови С.М. (29) од Скопје ги опишува предностите на семејствата, за кои, згрижувањето на децата не зависи ниту од условите во градинките, ниту од начинот на кој ќе се одвива наставата.

Таа е една од родителите што ја користеле мерката за продолжено породилно отсуство, а вчера протестираа пред Владата против одлуката сите родители на деца од 0 до 6 години на 23-ти септември да се вратат на своите работни места, со оглед дека градинките ги отворија вратите на 9-ти септември. Овие родители стравуваат за здравјето на нивните деца и сакаат да го одложат тргнувањето во градинка до почетокот на јануари. Сметаат дека за кревкото здравје на најмладата популација е ризично тргнувањето во градинките, бараат мал период на адаптација, по кој паралелно ќе се добие и појасен увид во развојот на епидемиолошката состојба.

Во земјава вчера беше регистриран втор случај на дете заболено од Ковид-19 во една струмичка градинка. Детето не било носено во градинката од понеделникот, а вирусот го добило од член на семејството. Пред три дена скопска градинка  во општина Центар го пријави првиот случај на заразено 15-месечно дете. Со тоа, од отворањето на градинките на 9-ти септември, за десет дена има две заразени деца (по едно во Скопје и Струмица), и воспитувачки од Свети Николе и Битола.

Deutschland | Kitas und Grundschulen öffnen vollständig
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Anspach

Враќање во нормала

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и министерот за здравство, Венко Филипче, вчеравечер остварија средба со дел од родителите кои браат продолжување на породилното отсуство.

„Имаме целосно разбирање за вашата грижа. Затоа внимателно пристапуваме кон секоја одлука и од тие причини шест месеци го продолжувавме породилното отсуство. Но, како и во сите држави во светот, мора полека да се враќаме во нормала и затоа внимателно, преземајќи ги сите превентивни мерки, градинките ги отворивме и создадовме услови родителите да се вратат на работниот процес“, им рекол министерот Филипче.

Повеќе:

-Едни во градинка, други дома, одлука за родителите идната недела

-Асимптоматските деца можат со недели да го пренесуваат коронавирусот

-Што знае дете што е дистанца?

Двајцата министри им пренеле дека одлуката за враќање на работа е донесена врз основа на сериозна анализа за безбедноста на децата во градинките, во консултација со Комисијата за заразни болести, но и врз основа на информациите дека во градинките целосно се почитува Протоколот кој го сведува на минимум ризикот од ширење на Ковид-19. Поради тоа, сметаат дека по отворањето на градинките, родителите треба да се вратат на работниот процес.

Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Приоритет во градинките имаат деца од семејства на самохрани родители и на двајца вработени. Градинките декларирале капацитет од 19.000 места, а како приоритетни се пријавиле 14.555 деца. Но, дури и таа бројка не е исполнета, а Комисијата за заразни болести веќе одлучи и да се зголеми капацитетот на групите од 0 до 2 години од шест на 12 деца, со што дополнително е зголемен капацитетот за прием на деца.

Доаѓа - не доаѓа

Но, во повеќе градинки, во групите каде првично требало да престојуваат шест деца, во старт доаѓале двојно помалку.

„Во групите од шест деца доаѓаат по три, најмногу до четири деца, иако сите беа пријавени како приоритетни. Ако некои семејства имаат и други можности за згрижување на децата, би било коректно да го ослободат местото за некој кој нема друг избор“, велат од скопска градинка.

По ваквите информации, надлежното Министерство за труд и социјална политика доставило допис до градинките да утврдат дали пријавените деца навистина ќе престојуваат во градинките, со единствена цел таму да бидат згрижени сите деца на кои тоа им е неопходно. Онаму каде ќе се појави потреба од дополнителен простор и кадар за згрижување деца, Владата им препорача на Општините како основачи на градинките, да обезбедат соодветно решение.

Министрите Шахпаска и Филипче вчера им најавиле на родителите дека нивните забелешки ќе бидат пренесени во Владата, дека внимателно ќе се следи состојбата на терен и во зависност од развојот на ситуацијата ќе бидат доносени одлуки во интерес на граѓаните и на нивното здравје.

Родителите кои бараат породилното отсуство да им биде продолжено до крајот на декември, се надеваат дека Владата ќе има слух за нинито барања. Во спротивно, најавуваат дека повторно ќе излезат на улица. За пет дена тие ќе треба да се вратат на работа, но не знаат како ќе го решат проблемот со згрижување на децата. Во градинките има место, но се плашат дека дека вирусот полесно се шири во затворени простории. Дел беспомошно креваат раце, други бараат огласи за дадилки со скратено или полно работно време, трети се подготвуваат за нов протест.