1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вредер го диктира тонот во Бундеслигата

Зоран Јордановски30 октомври 2006

Продолжува високиот лет на Арминија, Енерги и Нирнберг, за Хамбургер изостана вистинскиот пресврт – тоа карактеристиките на фудбалското првенство на Германија по 9-тото коло

https://p.dw.com/p/AehQ
Oд средбата Вердер Бремен - Мајнц
Oд средбата Вердер Бремен - МајнцФотографија: AP

Со највисоката победа во колото од 6 спрема 1, и тоа постигната на гостински терен во Мајнц, Вердер Бремен се потврди како мајстор на офанзивата во Бундеслигата. Прекрасно е да се гледа како игра Вердер, само не кога ти е противник – рече тренерот на Мајнц Јирген Клоп по средбата. Лидерот на табелата досега оствари просек од три постигнати голови по натпревар и, ако продолжи вака, не само што има изгледи да му ја одземе титулата на Баерн, туку и рекордот од 101 постигнат гол од првенството 1971/72-ра година. 27-те досегашни погодоци на Вердер се повеќе отколку што во првенството заедно постигнаа Баерн и Шалке, екипите на втората и третата позиција, со три бодови помалку од лидерот.

Баерн не блеска, но држи чекор. На Ајнтрахт Франкфурт му го нанесе првиот пораз во оваа сезона, кој можеше да биде и поубедлив, но Николов го одбрани ударот на Писаро од пенал.

За Шалке изминатата недела беше многу непријатна – во вторникот беше надигран и победен во куп-натпревар од второлигашот Келн, на викендот со три голови во мрежата испратен од Штутгарт. „Сметам дека играчите се обидоа да дадат се’ од себе, да се борат. На теренот имаше две добри прволигашки екипи и мислам дека победи онаа, што едноставно беше попрецизна во нападот“ – оцени тренерот на Шалке Мирко Сломка, чија позиција, со оглед и на елиминацијата во Купот на УЕФА, станува се’ понесигурна. Штутгарт, пак, веќе осум натпревари последовно не знае за пораз и по најновата победа се проби на четвртото место со само бод помалку од Баерн и Шалке. Тренерот Армин Фи оцени: „Севкупно ова сигурно беше добро остварување на мојот тим. За нас ова беше важна победа за да видиме дека можеме да се носиме со екипи што се борат за титулата, а Шалке секако ќе се бори за неа“.

Од петтото до седмото место на табелата се изненадувањата од овој дел на шампионатот: Арминија од Билефелд, која вчера и’ ја наполни мрежата на Алеманија (Ахен) – резултатот е 5 спрема 1 - има 14 бодови, како и Енерги од Котбус по убедливите 2 спрема 0 против фаворизираната Херта Берлин. „Разликата на табелата е толку тесна, што ако се загуби два-три пати, веќе си сосем долу. Ние мораме да продолжиме континуирано да работиме како и досега и тогаш ќе останеме далеку од дното на табелата“ – смета нпаѓачот на Арминија Кристијан Ајглер.

Нирнберг, единствениот непоразен тим, по 7-то првенствено реми – овој пат 1 спрема 1 против Борусија Дортмунд, има 13 бодови. Тренерот Ханс Маер шеговито го прокоментира израмнувањето на гостите на смо три минути пред крајот по една голема мешаница во казнениот простор на својот тим: „Сега дома уште еднаш ќе анализираме како дојде до тој израмнувачки гол, потоа ќе го стреламе виновникот и ќе продолжиме понатаму“! За тренерот на Борусија, Холанѓанецот Бернд ван Марвајк, бодот значи можност да здивне, оти „му се ниша столицата“, иако уште еднаш доби вербална подршка од директорот на клубот.

Никако не може да здивне Томас Дол. Неговиот Хамбургер не искористи можност да го потврди одамна очекуваниот пресврт кон подобро – по минатонеделната прва победа, и тоа како гостин во Леверкузен, дома одигра 0 спрема 0 против Хановер, екипа што стои уште полошо на табелата: Хамбургер е 15-ти со 9, Хановер 16-ти со седум бодови, колку што има и Мајнц. Во најтешка положба е Бохум на последно место со непроменето салдо од 5 бодови, по поразот дома од Волфсбург со 1 спрема 0. Тренерот, Швајцарецот Марсел Колер, веројатно не може да смета вечно на довербата на клупското раководство.

Борусија Менхенгладбах и Алеманија се најбескомпромисни тимови, без ниту еден нерешен резултат. Борусија по 9-тото коло, за жал на нејзините навивачи, и со еден пораз повеќе, уште поболен оти е доживеан дома од годинава неубедливиот Баер Леверкузен со 1 спрема 0.

Извлечени двојките за осминафиналето на купот на Германија

Во осминафиналето ќе има само два дуела на прволигашки екипи: Алеманија – Баерн и Бохум – Штутгарт. Единствениот преостанат регионален лигаш Оснабрик ќе ја пречека Херта, на четири средби член на Бундеслигата ќе игра против второлигаш: Ајнтрахт Франкфурт – Келн, Нирнберг – Унтерхахинг, Хановер – Дуизбург и Гројтер Фирт – Волфсбург. Единствен дуел на второлигашки тимови ќе биде средбата Кикерс Офенбах – Вакер Бургхаузен.