1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во фокусот: борбата против тероризмот и дрогите

14 јуни 2006

Денеска (15.06.06) во Шангај започнува дводневниот самит на Шангајската организација за соработка. Нејзини членови, покрај Кина и Русија, се централно-азиските земји Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан. Меѓутоа, се очекува да присуствуваат и претседателите на Авганистан и Иран, Хамид Карзаи и Махмуд Ахмадинеџад.

https://p.dw.com/p/Ae0v
Официјалниот амблем на самитот во Шангај
Официјалниот амблем на самитот во ШангајФотографија: AP

Официјална тема на средбата – на што САД гледаат со голема недоверба – е: битката против тероризмот. На средбата на кинескиот претседател Ху Џинтао со Ахмадинеџад би можело да стане збор за иранската атомска програма:

Иранскиот претседател Ахмадинеџад на средбата во Шангај всушност ќе биде само со статус на посматрач. Меѓутоа, на овој самит со своето присуство, му дава сосема нова тежина. Едно воопшто не е планирано: атомскиот спор со Иран на овој самит во Шангај не се наоѓа на дневниот ред, тврди Ли Хуи од кинеското министерство за надворешни работи:

„Во рамките на оваа организација за соработка за тоа не дебатиравме посебно. Нашата програма е полна со теми. Не знам дали за Иран воопшто ќе се разговара„.

Во меѓувреме, портпаролка на кинеското министерство за надворешни работи соопшти нешто друго: Кина се надева на позитивен одговор на Иран во врска со најновите предлози за решавање на спорот. Претседателот Ахмадинеџад во Шангај ќе биде примен од кинескиот Ху Џинтао. Освен тоа, Иранецот ќе одржи говор на една прес-конференција. Сето ова може да ги засени сите други теми на самитот. Членките на оваа органзиација се состанаа првпат пред пет години во Шангај со цел – битка против тероризмот. Имено со овој термин Кинезите ја бележат својата битка против силите за независност во муслиманската провинција Хсинкијанг, а Русите својот настап во Чеченија. Само заеднички е можна битка против тероризмот, смета Ји Жије, руски експерт од кинеската акдемија за меѓународни односи:

„Во Чеченија Русите уапсија Кинези. Во Казахстан, Узбекистан, Киргистан и Таџикистан беа уапсени руски терористи. Тоа потврдува дека оружените екстремисти се меѓусебно поврзани„.

Шесте држави имаат намера во Ташкент да формираат центар за подобро да можат да ги следат движењата на терористите. Освен тоа, во Шангај ќе се разговара и за одржување заеднички маневри, најавува Жао Ксиди од кинеското министерство за надворешни работи:

„Шесте држави веќе одржаа едни заеднички маневри. Во наредната година ќе се одржат нови. Земјите-членки разменуваат информации за борба против тероризмот. Ќе соработуваме и за правни прашања и како да настапуваме политички против тероризмот„.

Уште еден проблем: трговијата со дроги во Централна Азија. И за ова шангајскиот самит треба да донесе конкретни заклучоци, вели Ли Хуи:

„Трговијата со дроги не ги загрозува само мирот и стабилноста на нашиот регион. Тоа е главниот извор на приходи за терористите и екстремистите. Сите знаеме колку многу се произведува во Авганистан. Затоа ќе работиме за во Авганистан да се воспостави зона слободна од дроги и веднаш ќе работиме врз тоа заедно со Авганистанците„.

И уште нешто типично за Кина. За време на смитот низ Шангај ќе патролираат 60 илјади полицајци. Конгресниот центар е блокиран, а метрото и автобусите веќе не возат во таа насока, додека на илјадници фирми им е нареден принуден одмор.