Во Турција почнува процесот против Штојтнер
25 октомври 2017Во Истанбул денеска почнува процесот против германскиот борец за човекови права Петер Штојтнер и десетмина други обвинети, меѓу кои и директорката на Амнести Интернешнал во Турција, Идил Есер и претседателот на организацијата Танер Килич. На десет обвинети им се префрла „поддршка на терористичка организација“, додека Килич мора да одговара за „членство“. На обвинетите им се заканува казна затвор во траење до 15 години.
Адвокатот Килич беше уапсен во јуни во Измир, додека останатите беа уапсени на почетокот на јули на воркшоп во Истанбул. Апсењата предизвикаа остра критика во меѓународни рамки. Германската влада апсењето на Штојтнер го оцени како несфатливо и врши притисок за негово ослободување. Освен тоа, по апсењето владата во Берлин најави промена на германската политика кон Турција. Организацијата за човекови права Амнести Интернешнал ги критикува обвинувањата како неточни и клеветнички.
Штојтнер е еден од најмалку единаесетмина Германци затворени во Турција од политички причини за кои германската влада бара ослободување. Меѓу нив е и дописникот на весникот „Велт“, Дениз Јуџел. Канцеларката Ангела Меркел вчера се сретна со неговата сопруга на маргините на конститутивната седница на Бундестагот во Берлин. Со нејзе разговарала за ситуацијата на Јуџел во затворот, соопши портпаролот на германската влада Штефен Зајберт. Јуџел е во притвор уште од февруари, а сѐ уште не е подигнато обвинение. Тој се сомничи за тероризам. Неговиот адвокат Вејсел Ок пред неколку дена критикуваше дека актите на неговиот клиент и натаму се заклучени. „Поради тоа не знаеме какви истраги се водат против Дениз“, рече Ок.
Адвокатите на Јуџел поради продолжувањето на притворот се обратија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таму ноќеска истече рокот за турската влада да се изјасни за случајот. Тој рок меѓутоа може да се продолжи.