1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија нема просечен работник

Горан Петрески2 мај 2007

Интервју со Ванчо Муратовски,претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија,кое го води Горан Петрески

https://p.dw.com/p/AdYW
Фотографија: AP

Господине Муратовски,како изгледа денешниот просечен македонски работник?

-Тешко е да се каже како изгледа денеска просечниот македонски работник,зашто изгледа во Македонија веќе нема просечен работник,или има работници кои имаат солидни примања,или има работници кои речиси воопшто немаат примања или ги добиваат на пет шест месеци, со доцнење.Значи, да се каже некоја генерална оценка за тоа што е македонскиот работник,какви се неговите услови за работа и примањата е навистина комплицирано.Сметам дека остатокот од социјализмот ни прави сеуште проблеми, бидејќи и работникот и народот,поучени од она што се случуваше во социјализмот кога државата се грижеше за сите,а за работниците најмногу ,сметаат дека и денеска, по 17 години транзиција, некој друг треба да се грижи за нив и заради тоа кај нив нема самоиницијатива или воопшто иницијатива и одзив на повикот на Синдикатите на Македонија.Значи во принцип работникот е оставен сам на себе,за евентуално во некое идно време да се освести и да почне да прави она што го прави западниот работник.

На што се должи таквата поделба која ја спомнавте,на работници кои добро заработуваат и другите,зошто е работникот оставен сам на себе кога го има синдикатот?

-Кога зборував дека е оставен сам на себе,не мислев дека синдикатот не е зад него,туку мислев на неговиот начин на размислување.Зошто има ваква поделба на оние што имаат и на оние што немаат,тоа се должи на тоа што има одредени фирми кои извонредно добро работат,нивните производи одлично котираат,а има поголем број организации кои се во лоша состојба,кои или транзицијата ги прегазила или пак не се снашле и затоа се во ситиација да преживуваат од ден на ден,да се снаоѓаат со сива економија,да работа попладне за да можат да преживеат и да го исхранат семејството.

Каква е улогата на синдикатот во македонската транзиција?

Мислам дека синдикатот во првите години на транзицијата кога беше клучно да се застане на патот на криминалната приватизација што се случи во Македонија,не одговори на она што е улога на синдикатот,не заради тоа што можеби не сакал туку затоа што сеуште беа свежи сеќавањата на социјализмот и синдикатот сметаше дека во нормални разговори ќе дојде до разбирање со тогашните власти и дека ќе се направи приватизација која ќе одговара на работникот и на работодавачот.Во секој случај кај работникот немаше агресивност и тоа е основната грешка што дојде до таква приватизација,што не значи дека и подоцна не се правеле грешки,но синдикатот барем нешто работи,се останато во државата инаку не функционира и ние се чудиме зошто синдикатот не може до крај да ги заштити работниците.Ако немаме правен систем,ако политичките партии се грижат исклучиво за двасетина луѓе од врвушката,ако здравствениот систем не функционира,ако не функционира образованието,тогаш како може да очекуваме синдикатот да биде авангарда како и што е,и да успее да ги преброди сите овие Сцили и Харибди, да успее со такво образование,со таква правна држава,со таква политичка држава и поставеност на работите да ги заврши сите работи кои му се историска задача.

Многумина сметаат дека синдикатот ги преспа овие 16 години транзиција?

Мислам дека тоа е злобно толкување на работите,во овие 16 години се направени и многу работи,ако заборавила јавноста,потпишани се еден куп колективни договори,кои можеби не секогаш се почитуваат во секојдневието,но кога се доаѓа на суд,судовите носат одлуки според колективните договори,што значи дека има успех.Со синдикатот сме пребродиле многу реформи,многу рационализации и сме успеале да ги задржиме луѓето на работа,особено тоа треба да се признае во јавниот сектор,можеби некогаш и не сме биле успешни,но најголемиот дел од работите сме го завршиле онака како што треба и прилично е лесно да се кажува,и малициозно,дека синдикатот не успеал да одговори на задачата.Докажуваме до куп факти,еве последниот факт од правната служба за минатата година,од околу 15 400 поведени постапки,во 96,4 проценти сме успешни.Зарем е тоа малку,зарем е малку што во колективните договори ги задржавме сите оние права кои претходната власт сакаше да ги укине,дури и додадовме и нови,зарем е малку што успеавме да помогнеме да се продолжи законот за пензиско и инвалидско осигурување,а и акцијата стоп за работата на црно,во која синдикатот е главен носител, а не државата и инспекциските служби.