1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во знакот на страдањата на Исус

10 април 2009

Денес е Велики петок, ден кога христијаните се сеќаваат на страдањата и умирањето на Исус на крстот.

https://p.dw.com/p/HTsr
Фотографија: AP

Според христијанското учење, заедно со невиниот распнат Исус, страдал и господ. Затоа, Велики петок е истовремено и одговор на христијанството на се‘ што е лошо во светот. На тој начин, христијанството станува религија на крстот, а крстот станува симбол на сочувство и на избавување од смртта.

Распнувањето било најгрозоморниот начин на погубување во тогашно време. Теолозите предупредуваат дека не смеат да се потценуваат фактите за крстот и воскресението како корен на христијанската вера. Движењето што било иницирано од Исус од Назарет, се чини, со неговото погубување, згаснало. Но, дури по распнувањето и по воскресението на Христос на Велигден, што било потврдено и од страна на неговите приврзеници, христијанството вистински почнало.

Велики петок е сосем во знакот на тагата. За христијаните, меѓутоа, крстот е симбол и на спасение и избавување. Сите христијански религии денес се единствени во тоа дека преку животот и смртта на Исус, на свет дошол лично господ. На тој начин, крстот станува и симбол на наклонетоста на господ кон најсиромашните и најслабите. Велики петок во Германија се нарекува Карфрајтаг, кованица што потекнува од старогерманскиот збор „кара“ кој означува жалење и тага. Во најголемиот број цркви камбаните не бијат за време на богослужбите на Велики петок, а понекогаш и олтарот е покриен со црно. На тој ден не се прават крштевки и венчавања.


Автор: ЕМФ/ЗЈ/кна

Редактор: Жана Ацеска