1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во ЕУ нема консензус за почеток на преговорите со Македонија

БГ/макфакс13 декември 2013

Македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Фатмир Бесими, по средбите во Брисел, јасно укажа дека во ЕУ нема согласност за одредување датум за почеток на пристапни преговори со Македонија.

https://p.dw.com/p/1AZHK
Фотографија: M.I.

Во ваква ситуација, како што е сегашната, реално нема услови Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство, изјави вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, кој престојуваше во работна посета на Брисел, каде оствари средби со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија, директорот на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон и со генералниот секретар на европската служба за надворешни односи (ЕЕАС), Пјер Вимонт.

„Ние не сакаме да создадеме нереални очекувања во однос на тоа дали Македонија ќе добие датум од Европскиот совет на претстојниот Самит. Реално, во случајов кога се‘ уште не е решено прашањето за името со Грција и отвореното прашање со Бугарија, реално во ваква ситуација нема консензус од сите членки на Унијата за добивање на датум за преговори“, изјавил Бесими.

Според Бесими, она што важно, е дека во заклучоците на Европскиот совет се очекува да има динамика за реформи во наредниот период и прашањето во однос на името и добрососедските односи да биде дел од заклучоците што ќе значи дека тоа е политичка поддршка за Македонија во овој процес да покаже напредок.

„Ова е политичка поддршка и прозорeц за Еврокомисијата повеќе да се ангажира во однос на прашањето за името и отворените прашања со соседите. Фактички тоа што сметаме дека треба да се вклучи меѓународната заедница, т.е. земјите-членки на ЕУ или европските институции некако да помогнат во процесот е не да го решат оти тоа треба ние самите да го решиме со Грција, туку тие може да помогнат и важно е во овој процес да се вклучат. Имаме успешни примери во регионот, каде трети страни беа вклучени во билатерални спорови и дека тие се решија, како во случајот со Словенија и Хрватска и со Србија и Косово. Таквите модели треба да се искористат и во примерот со Република Македонија за да можеме да покажеме напредок“, потенцирал Бесими. На средбата со директорот на Директоратот за проширување на ЕУ, Даниелсон, Бесими го покренал и прашањето за тоа дека Македонија треба да влезе во проектот на Унијата во однос на јадранско-јонската програма за регионален развој, каде во моментов само земјата не е членка. Според него, Македонија треба да биде дел од програмите, бидејќи со ова ќе се помогне и за економски раст во земјата, а и позитивно ќе се влијае на економскиот развој на регионот.