1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија не може да се викате Луцифер

Карла Блајкер
28 декември 2017

Во Германија не можете да му дадете какво сакате име на детето. Дар од Бога е во ред, но ѓаволести прекари не се. Во некои други земји, правилата за имиња се уште построги.

https://p.dw.com/p/2mcdM
Deutschland Bevölkerungsentwicklung Symbolbild Neugeborene
Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Grubitzsch

Што по ѓаволите? Тоа веројатно си го помислил вработениот во матичната служба кога го видел барањето на еден пар од централниот германски град Касел. Родителите сакале да го крстат своето новороденче Луцифер. Матичното одбило да стави ова име во изводот на бебето, а родителите одбиле да одберат друго. Случајот заврши на суд, каде што, мајката и таткото сепак биле убедени да не му даваат на детето име кое низ целиот свет е асоцијација на зло. Бебето сега се вика Лусијан.
Латинскиот збор „lucifer" значи „утринска ѕвезда“, или како придавка „некој што носи светлива“. Но денес, името е синоним за ѓавол. Во христијанската традиција, Луцифер било користено како име на ѓаволот. Во популарната култура, Луцифер е синоним за ѓавол или Сатана. Од причина што името е персонификација на злото, Здружението за германски јазик го смета за проблематично и несоодветно.
„Во центарот на ваквите одлуки е добробитта на детето“, вели Фрауке Ридебуш од оваа организација за весникот Ди Велт.
Иако не постојат цврсти правила или закони за тоа какви имиња родителите ќе им дадат на децата во Германија, службениците имаат право да одбијат барање за име доколку го сметаат за несоодветно, а службата мора да го прифати секое име кое влегува во изводот од раѓање на бебето. Целта е да се спречи децата да пораснат со имиња поради кои подоцна во животот ќе бидат исмевани.

Holzschnitt Petrarcameister, Alptraum
Луцифер има премногу негативна конотација за германските властиФотографија: picture-alliance/akg-images

Мари, Гандалф и Ангела Меркел

Повеќето родители во Германија се одлучуваат за поконвенционални имиња за нивните деца. Здружението собира податоци од стотици матични служби ширум земјата секоја година за да изработи листа на најпопуларни имиња. Во 2016 година, тие добиле повеќе од еден милион дописи кои покриле 97 проценти од сите имиња на бебиња во таа година.
Најпопуларните имиња за девојчиња родени во 2016 година биле Мари, Софи и Софија. За момчињата тоа се Елиас, Александер и Максимилијан. Понеобични имиња кои биле одобрени во 2016 се Фипс и Твен (како презимето на Марк). Изминатите години на родителите им беше дозволено да ги именуваат своите деца Гандалф, Годсгифт (Дар од Бога) или Кастани ( германски за костен). Родителите кои сакале да се обидат со Веспа, Вестенд или Дракула, пак, биле одбиени.
Во 2015 година, една мајка- бегалка беше толку благодарна што доби шанса за нов живот во Германија што детето си го именуваше Ангела Меркел, по германската канцеларка.

Der Hobbit Eine unerwartete Reise
Волшебникот од „Господарот на прстените“, Гандалф е популарно име за некои родителиФотографија: Warner Bros./AP

Како е во светот?

Другите земји имаат различни правила за именувањето на бебињата. Во Исланд, родителите можат да изберат од листа која содржи 1,850 женски и 1,700 машки имиња. Доколку не се задоволни можат да се жалат до исландскиот комитет за именување. Но, за да им биде одобрено барањето, името смее да има само букви од исландската азбука и мора да биде во можност да заврши по исландските граматички правила.
Во Народна Република Кина, сите граѓани со полни 16 години мораат да носат лична карта која се процесуира електронски. Затоа, сите имиња мора да бидат напишани со карактери кои можат да бидат внесени и процесирани во системот. Од околу 70,000 познати кинески карактери, симплифицирани и традиционални, само околу 32,000 го исполнуваат тоа правило.
САД, од друга страна, се познати по релаксираните правила за именување. Децата на некои славни личности носат имиња како Норд (север), Епл (јаболко) или Блу Ајви (Син Бршлен).