Во Гвантанамо се проширува штрајкот со глад
17 мај 2013Со недели затвореници во логорот Гвантанамо на Куба одбиваат да примат храна. Бројот на оние кои штрајкуваат со глад сега се зголеми на 102 затвореници, известува весникот „Мајами Хералд“ во последното издание повикувајќи се на медицински персонал од американската војска. Во логорот кој е критикуван во целиот свет има повеќе од 160 лица осомничени за тероризам.
30 од затворениците кои штрајкуваат со глад биле принудно хранети, пишува дневниот весникот кој излегува во Флорида. Тројца биле во болница, нивната здравствена состојба меѓутоа не била загрозена, уверувале официри.
Уште во април состојбата во затворот била затегната: затвореници ги нападнале чуварите со прачки од метли, додека тие одговориле со гумени куршуми. Протестите ги предизвикале претреси за Коран во затворските ќелии. Адвокатите на затворениците меѓутоа информирале и дека расте незадоволството меѓу затворениците - по десет години зад решетки без процес се ширеле безнадежноста и гневот.
Претседателот Барак Обама од Демократската партија се' повеќе е под притисок поради неговата политика за граѓански права. Неодамна тој повтори дека кампот би требало да биде затворен. „Гвантанамо не е неопходен, за Америка да остане безбедна. Тој е скап. Тој е неефикасен“. Освен ова логорот му штетел на угледот на САД во светот, смета Обама.
Затвореничкиот логор го формираше републиканскиот претседател Џорџ Буш по терористичките напади на 11. септември 2001 година. Во земјата и во странство спорни се пред се' воените трибунали на островот. Критичарите им префрлуваат на САД дека користеле изјави кои затворениците ги дале додека биле измачувани. Затворањето на Гвантанамо и ставање крај на безбедносно-политичките ексцеси во борбата против теророт беа централни ветувања на претседателот Обама во изборната кампања во 2009 година.