1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во воздушниот сообраќај доминираат алијанси

Андреас Шпет / Зоран Јордановски21 март 2012

Втората по големина германска воздухопловна компанија Ер Берлин пристапи кон алијансата Уанворлд. Зошто воопшто се формираат такви сојузи и кому му се тие од полза?

https://p.dw.com/p/14OSh
Фотографија: airberlin

Воздухопловната компанија Ер Берлин, формирана од еден американски пилот пред повеќе од 30 години во тогашниот Западен Берлин, од мал чартер-превозник израсна до втора по големина воздухопловна компанија во Германија и шеста во Европа, со 35 милиони патници годишно. Сега Ер Берлин направи чекор во „првата лига“ на светското цивилно воздухопловство: стана член на алијансата Уанворлд (Oneworld - Еден свет), во која за партнери има големи имиња како Бритиш ервејс, Америкен ерлајнс, Квантас, Ибериа и други. Сите десет воздухопловни компании, како и нивните патници, профитираат од алијансата - неуморно повторуваат претставниците на оваа бранша.

Во игра е голема политика

Воздухопловните алијанси, всушност, се само помошна конструкција, оти компаниите кои дејствуваат меѓународно не можат едноставно прекугранично да се фузионираат, како концерните за челик или за минерални масла. Фузии во оваа сфера имаше само во национални рамки. Последниот пример е од САД: Континентал ерлајнс и Јунајтед ерлајнс се обединија во Јунајтед. Дури ни во земјите на ЕУ фузионирањето веќе не оди лесно - со години Ер Франс и холандскиот КЛМ правно се една фирма, но и натаму летаат како два различни понудувачи! Ист е случајот и со Бритиш ервејс и шпанската Ибериа, токму како и со Луфтханза и Свис. Кога е во прашање воздухопловниот сообраќај, секогаш многу бргу се во игра и националните интереси и високата политика. За национална компанија се смета само ако таа мнозински е во посед на државјани или на организации од нејзината матична земја и таа од другите држави добива соодветни права за прелет и за одредени маршрути. Откако Свис беше преземена од Луфтханза, загуби одредени права за прелет во Русија, оти во Москва компанијата веќе не беше категоризирана како швајцарска. Најголемиот број држави законски го ограничуват уделот што можат да го имаат странски сопственици во некоја компанија од таа земја. САД тоа го образложуваат со националните безбедносни интереси.

Logo Flugzeug von Air Berlin und oneworld-Logo
Ер Берлин направи чекор во „првата лига“ на светското цивилно воздухопловство: стана член на алијансата Уанворлд

Алијансите доминираат

Работите се толку измешани и комплексни, што браншата се обиде да најде излез што ќе овозможи потесна меѓусебна соработка. Јирген Вебер, тогашен шеф на Луфтханза, битно придонесе за формирањето на првата воздухопловна алијанса во мај 1997 година. Стар алијанс е водечка меѓу денес трите големи сојузи. Таа опфаќа 26, а наскоро ќе бидат 30 членови, меѓу нив и Луфтханза, Ер Канада и Сингапур ерлајнс. Како втора групација во 1999 година уследи Уанворлд, според бројот на членови до денес најмала од трите. Во 2000 година настана алијансата СкајТим под водство на Ер Франс и Делта ерлајнс. Трите групации покриваат околу 80 проценти од севкупниот светски воздухопловен сообраќај. Во нив членуваат речиси сите големи аеропревозници. Само успешни компании од регионот на Персискиот залив, како Емирејтс, и нискобуџетните компании повеќе сакаат да останат независни.

Die drei größten Luftfahrtallianzen
Трите најголеми алијанси

Цел на алијансите - ефекти од синергиите

За воздухопловните компании алијансите се најдобро средство за зголемување на нивната моќ на пазарот, без притоа фактички самите да растат или да мораат да ја прошируваат својата понуда. Наместо како досега сам да нуди 162 дестинации во 40 земји, Ер Берлин може на своите патници да им продава непосредни приклучни летови од целокупната понуда на линиите на сите членови на Уанворлд. А таа се состои од 840 дестинации во 150 земји, со преку 9 илјади полетувања дневно! 

Ефектот од синергиите е клучот на алијансите: наместо да мораат сами да се „распостелат“ во сите области, компаниите се здружуваат - имаат заеднички организации за продажба, салони или шалтери за чекирање, си ги предаваат меѓу себе патниците на аеродромите кај што преседнуваат. Членство во алијанса за секоја компанија значи чувствително намалување на трошоците при истовремен пораст на приходите. Неспорна е предноста и за патниците: тие можат да стигнат во речиси секое катче на земјината топка, потпирајќи се врз системот на алијансата. Но, алијансите во меѓувреме доведоа и до помала конкуренција на одредени линии, повисоки цени на летовите и намалена понуда.