1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Бундеслигата: старт на Баерн достоен за шампион и големо изненадување што го приреди Келн

15 август 2005
https://p.dw.com/p/Aeke
Рој Макај во типична поза по постигнат гол - во Леверкузен славеше три пати, на две средби во новото првенство вкупно пет пати!
Рој Макај во типична поза по постигнат гол - во Леверкузен славеше три пати, на две средби во новото првенство вкупно пет пати!Фотографија: AP

Баерн во полна мера му се ревашнира на Баер за минатогодишниот пораз од 4 спрема 1: во второто коло од новото првенство на исполнетата до последно место Бајарена во Леверкузен Баварците славеа победа од 5 спрема 2. Клучен играч уште еднаш беше холандскиот интернационалец Рој Макај, стрелец на три гола, кој со двата од првото коло води на листата на стрелците со пет погодоци. Макај смета дека победата не се должи на слабата игра на Баер, туку на силниот настап на шампионот од Минхен: „Ние едноставно од првата минута игравме извонредно. Во првото полувреме ние му дозволивме на тимот од Леверкузен да се врати во игра, тие немаат никаква заслуга за тоа - стоевме малку предалеку од противникот, потоа направивме и непотребен пенал. Но, за среќа, сосем брзо го зголемивмеводството на 3 спрема 1 и тогаш фактички натпреварот беше решен“. Макај во последните 7 натпревари постигна 15 голови, а ова му беше четврти трилинг во Бундеслигата.

Баерн со успехот во Леверкузен ја достигна фамозната бројка од 1000 бодови освоени на гостувањата, ова му беше 11-та последовна првенствена победа, сметано се разбира, со натпреварите и од минатото првенство, при што постигна и 37 голови. Впечатокот што го остави е толку силен, што Руди Фелер, некогашниот селектор на германската репрезентација и сегашен спортски директор на Баер Леверкузен, констатира дека „Баерн во вакво издание е класа за себе“. Притоа, тренерот на победничкиот тим Феликс Магат смета дека екипата воопшто не се ангажирала до максимум!

Неговиот колега Клаус Аугенталер вака се обиде да го објасни тешкиот пораз: „Можеби ние бевме премногу страшливи, можеби причината е во тоа што многу рано на глупав начин примивме два гола. Сега треба прво да го совладаме шокот“. Голманот Јерг Бут кратко и недвосмислено заклучи: „Кога толку убедливо ќе се загуби, тогаш нема место за споредување со Баерн“.

Но, колку и да е убедлив стартот на бранителот на титулата, не се сите негови конкуренти деморализирани од тоа. Во стапка го следат Вердер, Хамбургер, Шалке и, на големо изненадување, повратникот во лигата Келн. Шалке во 126-тото регионално дерби во Дортмунд пред 81 264 гледачи, колку што е и капацитетот на стадионот, ја совлада Борусија со 2 спрема 1. Обата гола ги постигна новоангажираниот голгетер, репртезентативецот Кевин Курањи, кој очигледно многу бргу се прилагоди на новата средина: „Се разбира, денеаска беше многу убаво за тимот и за мене, многу сум среќен што победивме“. Второто репрезентативно засилување на Шалке Фабијан Ернст без еуфорија го анализира успешниот старт во првенството: „Ние во оваа или онаа ситуација можевме да играме уште посуверено. Мислам дека обете победи со по 2 спрема 1 не беа такви што не можевме средбите и да ги загубиме или да ги одиграме нерешено. Има простор за натамошно кревање на квалитетот на нашата игра, и кога и Линколн ќе биде оспособен за настап, тогаш мислам дека ќе бидеме уште малку поопасни во нападот“.

Кристијан Вернс, вчера противник, а во репрезентацијата колега на Курањи, укажува на грешките во одбраната на Борусија, чиј командант е: „Ние повторно се покажавме во глупаво издание при стандардна ситуација. Тоа е веќе трет од вкупно четирите голови, што го примаме од стандардна ситуација. Сега мораме тука нешто да смислиме“.

Вердер на гостувањето кај Мајнц забележа сигурна победа од два спрема нула. Извонредно функционира новиот двоен шпиц на нападот: хрватскиот интернационалец Класниќ и репрезентативецот Клозе и вчера, како и во првото коло, беа творци на победата.

Хамбургер игра како препороден – две победи на стартот, а во меѓувреме и победа против Валенсија во првиот финален дуел од Интертото-купот. Сергеј Барбарез не признава товар на годините, а прв гол во новиот дрес постигна и ѕвездата од Холандија Рафаел ван дер Варт. „Имаме прекрасна екипа. Ако и натаму сите влечеме на иста страна, Хамбургер може уште многу да постигне“ – оценува капитенот Даниел ван Бојтен. За домаќинот Арминија Билефелд, со вториот пораз веќе започна борбата за опстанок.

Таму, според логиката на нештата, би требало да спаѓа и довчерашниот второлигаш Келн, чии амбиции, сепак се поинакви. Почетокот барем, навестува дека не се без основа оптимистичките прогнози на репрезентативецот Лукас Подолски за пласман меѓу првите 10. Подолски вчера како капитен го предводеше тимот во Штутгарт и има голем удел во сензационалната победа од три спрема два, и тоа како креатор, а не во вообичаената улога на стрелец. Келн за 55 минути оствари предност од 3 спрема 0. Штутгарт, предводен од најуспешниот клупски тренер на сите времиња Џовани Трапатони, третиран како кандидат за шампионската титула, во финишот се обиде да направи пресврт – но, вчера едноставно тоа не му беше судено: не реализира пенал, не искористи ни предност од играч повеќе по исклучувањето на Синкала поради втор жолт картон.

Огномет од голови доживеаја гледачите во Кајзерслаутерн: 5 спрема 3 за домаќинот против во одбраната наивниот Дуизбург. Во средиштето беше Алтинтоп со три постигнати голови за домаќинот.

Сигурна победа на Херта – 2 спрема нула во Берлин против Ајнтрахт Франкфурт, кој заедно со Мајнц и Арминија, е без бодови по двете одиграни кола. Без победи, но со по еден освоен бод, се Нирнберг и Хановер, кои меѓусебе одиграа нерешено 1 спрема 1 (при што голгетерот на лигата од минатото првенство Марек Минтал во последната минута спаси бод за домаќинот), потоа Штутгарт, Дуизбург, Борусија Дортмунд и Борусија Менхенгладбах која ремизира – исто така 1 спрема 1 и исто така со гол во последната минута против Волфсбург. Волфсбург и Хановер уште је чакаат првата победа, но не доживеаја ни пораз – во првите две кола по два пати ремизираа.

Во ова коло три стадиони беа исполнети до последното место, сите други добро пополнети. Просекот од двете кола изнесува 40 илјади 910 гледачи по натпревар, што е за две илјади повеќе од лани, а минатото првенство беше рекордно според посетеноста!