1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во бомбашки напад во Грозни убиен чеченскиот претседател

9 мај 2004

32 загинати и 46 повредени е билансот на експлозијата на подметната бомба на стадионот во главниот чеченски град за време на прославата на денот на победата над фашизмот

https://p.dw.com/p/AcNg
Убиениот чеченски претседател Ахмед Кадиров
Убиениот чеченски претседател Ахмед КадировФотографија: AP

Ахмед Кадиров, на Москва верниот чеченски претседател, е меѓу жртвите на нападот. Информацијата за неговата смрт ја потврди и рускиот претседател Владимир Путин. Според некои информации, Кадиров бил тешко ранет при експлозијата, а нешто подоцна им подлегнал на повредите. 52-годишниот исламски свештеник Кадиров своевремено и самиот се бореше против руските трупи, но подоцна ја смени страната. Во октомври минатата година, имајќи ја и поддршката од Кремљ, тој беше избран за претседател на Чеченија, која има статус на република во Руската федерација, освојувајќи на изборите 81 насто од гласовите.

Командантот на руските трупи во Чеченија генерал Валериј Баранов, според наводи од армијата, морал неодложно да биде опериран поради тешките повреди задобиени во нападот.

Се претпоставува дека чеченски сепаратисти ја подметнале бомбата пред свечената трибина на стадионот во Грозни, главниот град на Чеченија, која по детонацијата се урна. Кадиров и членовите на чеченското раководство, како и високи офицери на руската армија таму присуствуваа на воена парада во рамките на прославата на Денот на победата над фашизмот, односно капитулацијата на национал-социјалистичка Германија пред 59 години. Експлозијата уследи за време на забавната програма. Полицијата соопшти дека се пронајдени уште две неексплодирани бомби на стадионот.

На средба со ветераните од Втората светска војна во Москва рускиот претседател Путин најави одмазда за терористичкиот напад. Претходно во говорот за време на прославата на Црвениот плоштад во Москва Путин оцени дека меѓународниот тероризам не е ништо помалку страшен од фашизмот. Нападот во Грозни се одигра истовремено со настапот на Путин. На парадата во Москва, инаку, имаше околу 5 илјади учесници. Се проценува дека во “големата татковинска војна” на тогашниот Советски Сојуз против нацистичка Германија загинаа околу 27 милиони луѓе.