1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воздржани реакции на говорот на Обама

АТ/афп/дпа/ртр/апе18 јануари 2014

Германската влада и Комисијата на ЕУ ги поздравија најавите на американскиот претседател за ограничување на шпионажата на НСА. Меѓутоа владејачките партии во Германија сметаат дека плановите за реформи не се доволни.

https://p.dw.com/p/1AtB7
Фотографија: Reuters

Во Европа со нетрпение се очекуваше говорот на претседателот Барак Обама за шпионажата на НСА. По 45-минутниот говор реакциите во Берлин и Брисел се позитивини, но воодушевувањето изостана. Комисијата на ЕУ преку една портпаролка кусо порача: „Постапувањето на Обама покажува дека оправданите грижи на ЕУ биле слушнати во Вашинготн“.

Промена на ставот поради мобилниот на Меркел?

Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, пак, во Берлин соопшти дека сојузната влада во основа го поздравува тоа, „што заштитата на податоците и личните права на не-државјани на САД во иднина ќе бидат повеќе почитувани“. Тој повтори дека „на германска територија треба да се почитува германското право, тоа важи и за нашите блиски парнери и сојузници и тоа особено за нив“.

Притоа реформата на работата на американските тајни служби директно ја погодува германската влада. Според Обама. во иднина не смеат веќе да се прислушуваат шефовите на држави или влади од пријателски држави. Јасно укажување на канцеларката Ангела Меркел, чиј мобилен телефон бил прислушуван. Освен тоа Обама вети дека странците во иднина делумно би биле третирани како државјаните на САД, што се однесува до заштитата на нивната приватна сфера.

Yes we scan Plakat
Фотографија: picture-alliance/dpa

Унијата и СПД се скептични

Во основа. меѓутоа. Обама ја бранеше работата на тајните служби. Тие спречиле повеќе терористички напади и во странство и спасиле човечки животи. И тие и натаму ќе собираат информации за намерите на други влади. Германскиот министер за правда Хајко Маас затоа силно се залага за договор за не-шпионирање со Вашингтон. „Дури откако ќе потпишеме правно обврзувачки договор, дека се заштитени податоците на сите граѓани, ќе може да ја повратиме загубената доверба“, рече Маас за „Билд ам зонтаг“. Обама меѓутоа „со ниту еден збор“ не спомена таков договор, критикуваше портпаролот за надворешни работи на пратеничката група на СПД во Бундестагот, Нилс Анен за Дојче веле.

Исто така и за Волфганг Бозбах од ЦДУ говорот на Обама не е доволен. „Тоа нема да придонесе за смирување на граѓаните во Германија“, рече тој за денешното издание на „Рајнише пост“. „Стравувам дека Американците и натаму без конкретен повод ќе собираат податоци и кај сојузниците“.

Symbolbild NSA Abhöraffäre
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пофалба за Обама стигна од неочекувана страна „Тоа што тој го препозна овој проблем, овој светски скандал со шпионажата на НСА и тоа што сериозно го сфаќа овој проблем и за тоа држи говор, тоа е напредок, тоа досега не сум го слушнал од нашите политичари, од нашата канцеларка, но и од нашите тајни служби“, рече политичарот од редовите на Зелените, Ханс Кристијан Штребеле, за втората програма на германската телевизија.

Асанж и Амнести интернешнл разочарани

Основачот на Викиликс Џулија Асанж критикуваше. „Срамно е еден претседател на држава да зборува 45 минути и речиси ништо да не каже“, рече Асанж за Си-Ен-Ен. Исто така и шефот на Амнести интернешнл САД Стивен Хокинс рече дека најавите на Обама се недоволни за сериозно да се расчисти со грижите во светот поради масовното надгледување.