1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воената академија со амбиции за регионален центар

8 ноември 2010

На Воената академија во Скопје, првпат оваа година се образуваат и шестмина питомци од странство, а има најави и за пристигнување постдипломци од други земји од регионот.

https://p.dw.com/p/Q1G7
Припадници на македонската армија

По мораториумот од шест години лани беше рестартирана Воената академија во Скопје. Во двете учебни години на Академијата се примени по 30-тина питомци, кои се образуваат за извршување воени задачи за копнената војска. За првпат од годинава на Академијата се образуваат и шестмина питомци од странство, а има најави за пристигнување на питомци и постдипломци од други земји од регионот, со што има реални изгледи ова висока воено-образовна институција да прерасне во регионален образовен центар.

Тежок период за Воената академија

Не беше лесно да се биде професор или вработен во Воената академија „Михајло Апостолски“ во периодот 2003-2009 година. Иако ги спроведуваше кусите подофицерски курсеви, Академијата не примаше нови питомци, а веќе примените и завршените не можеа да се вработат во армијата. Грдите слики од протестите на потпоручниците пред владата во Скопје не оставија никого рамнодушен. За среќа, тие веќе се минато.

Soldaten der Mazedonischen Armee
Фотографија: Petr Stojanovski

Полковник Росе Смилески, деканот на Воената академија вели дека сега сликата за оваа институција и воопшто за високото воено образование е сосема поинаква. Академијата е реконструирана, а она што е најважно е дека питомците, според новиот закон, имаат загарантирано вработување по дипломирањето. Новина е што Академијата почна да образува кадри и за Дирекцијата за заштита и спасување и за Центарот за управување со кризи.

На Академијата годинава студираат 30 питомци, по петмина студенти за Дирекцијата и Центарот, како и шестмина питомци од Црна Гора, кои од годинава прв пат почнаа со образование во Македонија.

„Од оваа учебна година на ВА се школуваат и шест кандидати од Црна Гора. Пред да почнат со наставата овие питомци завршија курс за македонски јазик, а истиот ден кога нашите питомци дадоа свечена заклетва и тие, во амбасадата на Црна Гора, дадоа свечена заклетва“, вели деканот Смилески.

Плановите се да не се запре на оваа меѓуармиска соработка, туку полека Академија да прераснува во своевиден регионален центар.

„Се надевам дека во догледно време тука ќе имаме и студенти од други земји, и не само како питомци, туку и на постдипломски студии, затоа што пријателски земји веќе пројавија интерес, затоа што јазикот е многу близок и можат многу брзо да навлезат во наставниот процес.“

Покрај војската на Црна Гора, интерес за испраќање свои питомци во Македонија покажале и воените структури на БиХ, а за после дипломски студии и воените власти на Хрватска и Србија.

Позитивни искуства на питомците од странство

Првичниот впечаток на питомецот Ненад Дубљевиќ од Бијело Поље од престојот на Воената академија е позитивен:

„Скопје е убав град, ми се допаѓа. Персоналот е добар и има разбирање за нас, за јазикот и тоа што сме далеку од дома. Понекогаш имам впечаток дека ние сме привилегирани во однос на другите питомци, што од една страна е добро, но од друга и не чини. Општиот заклучок е дека овде ни е супер“, вели овој млад човек, кој веќе шест години е во армијата на Црна Гора.

Soldaten der Mazedonischen Armee
Фотографија: Petr Stojanovski

Неговата колешка Јелена Масимиќ од Даниловград вели дека кога ќе дипломира ќе биде првата жена офицер во црногорската армија со диплома од Воена академија. И таа е презадоволна од условите на Академијата, наставата и дружењето со другите питомци.

За да дојде до униформата на питомец, на која со гордост го носат црногорскиот белоглав орел и црвено знаме, таа и другите питомци мораа да минат строга селекција.

„Министерството за одбрана на Црна Гора објави конкурс, за прв пат и за Македонија, бидејќи претходно имаше конкурси за Грција, Германија и Италија. Конкурирав за овде, ги минав сите проверки, како и другите питомци, и сега сум овде“, изјави Масимиќ.

Воената академија на овие питомци им обезбедува сместување, униформи, исхрана и мал месечен џепарлак, додека сите тие од МО на Црна Гора добиваат стипендии.

Полковникот Смилески објаснува дека годинава оваа установа го организираше првиот летен меѓународен кампус на Криволак, на кој покрај македонските питомци учествуваа и питомци од Турција, САД и Србија, додека професорите беа од САД и Турција.

Тој вели дека сакаат кампусот да прерасне во традицонален регионален собир на питомците од Балакнот.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Жана Ацеска