1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ со кривични ќе „гласа“ за Договорот со Грција

5 јули 2018

По изгласувањето на Договорот со Грција, одлука за референдум ќе се гласа на 17 јули, а неговото спроведување се планира за 30 септември, велат извори од мнозинството. ВМРО-ДПМНЕ подготвува кривични пријави.

https://p.dw.com/p/30rGg
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Законот за ратификација на Договорот со Грција повторно ќе се врати на гласање на денешната собраниска седница со почеток во 11 часот. Минатиот пат од мнозинството беше изгласан на 20 јуни со 69 гласови „за“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ реши да не присуствува на седницата, а шефот на државата одби да го потпише указот за стапување на законот во сила. Ако денеска повторно биде изгласан, според членот 75 од Уставот, Иванов „е должен“ да стави потпис на законот. ВМРО-ДПМНЕ и денеска нема да присуствува на пленарната седница, а потпретседателот на партијата, Александар Николоски, најави дека тие ќе одговорат со кривични пријави за оние кои го потпишале „капитулантскиот договор“ со Грција. Тој обвини дека советникот на премиерот, Зоран Башановиќ, е врската помеѓу Заев и Ципрас, дека тој директно преговарал со Грција за промената на уставното име на Република Македонија, па дури и дека Заев и Димитров работеле на промена на името уште пред да се формира Владата.

Повеќе: Иванов не го потпиша Законот за ратификација на спогодбата со Грција

За и против

Ваквите обвинувања доаѓаат во предвечерјето на повторното гласање на Законот за ратификација на Договорот со Грција, а опозициската партија со денови обвинува дека тој е противуставен.

„Со овој договор се прекршува Уставот неколкупати (...) Овој капитулантски личен договор на Заев за укинување на Македонија не треба да заживее. ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во негово спроведување, а секаков обид за негово спроведување на сила ќе носи и одговорност (...) Никој не ни гарантира дека ќе чекориме по патот на евроинтеграциите само со потпишување на овој срамен договор“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Договорот е поздравен од целиот демократски свет и граѓаните, освен од ВМРО-ДПМНЕ која не може да го прифати успехот на Македонија“, реплицираат од СДСМ.

„Договорот затвора 25-годишен спор кој земјава ја влечеше надолу, го зајакнува и гарантира македонскиот идентитет и го отвора патот кон полноправно членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Залудни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку манипулации и измислици да ја загрози македонската иднина. Граѓаните слободно на референдум ќе ја искористат историската шанса и ќе го поддржат Договорот“, порачуваат социјалдемократите.

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Одлука за референдум ќе се гласа на 17 јули, а неговото спроведување се планира за 30 септември, велат извори од мнозинствотоФотографија: MIA

Сомнежи околу референдумот

Но, ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дали воопшто ќе има референдум.

„Или воопшто нема да има референдум, или ќе има референдум којшто ќе е изманипулиран“, изјави во тв-интервју партискиот потпретседател Николоски.

„Прво, Заев на ниеден начин не создаде атмосфера за успешен референдум. Второ, заедно со Димитров потпишаа исклучително лош, да не речам, катастрофален договор со Грција. Трето, во договорот има една вешто изработена формулација, која вели дека договорот стапува во сила по ратификацијата во Собранието на втората страна, или по одржан референдум доколку втората страна одлучи да го одржи“, потенцира Николовски, додавајќи дека токму тоа зборче „или“, значи дека државата не е обврзана да направи референдум.

Повеќе: Парламентот влегува во жешка недела

Извори од владејачкото мнозинство пак велат дека по повторното изгласување на Договорот со Грција, одлуката за распишување и организирање на референдум најверојатно ќе се гласа на собраниска седница на 17 јули. Практично, тоа е и денот кога во Скопје се очекува да пристигне еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, по што ќе започне процесот на скрининг - преглед на ускладеноста на домашното со европското законодавство.

Повеќе: Законот за референдум плаче за итни измени

Според истите извори, одржувањето на референдумот се планира за 30 септември. По Самитот на НАТО (11/12 јули) се очекува да започнат правни и меѓупартиски консултации за формулирање на референдумското прашање, кое би било поврзано со Договорот со Грција и со интеграциите на земјата во ЕУ и НАТО.

Bildergalerie Mazedonien Proteste in Skopje
Противниците за договорот со Грција повикуваат на протестиФотографија: picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Протести цело лето

Кратките рокови за спроведување на обврските од Договорот со Грција и противењето на опозицијата, ја прават политичката состојба пожешка од летните температури. Додека правни експерти го повикуваат Иванов да не го крши Уставот и да го потише указот на законот по неговото повторно изгласување, други го храбрат да не става потпис. Истовремено противници на Договорот ги повикуваат сите пратеници да го напуштат парламентот и да не учествуваат во „капитулацијата на државата“. Покрај повици за бојкот на каков било рефередум, повикуваат и на протести денеска пред Собранието. ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека несогласувањето со Договорот со Грција ќе го изрази на протестен марш, но во недела во Струмица, а такви протести најавува и во текот на летото во повеќе градови во земјата.