ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ предложија декларација за НАТО
24 април 2012Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ до Собранието и до сите пратенички групи доставија Предлог-декларација за реафирмирање на реализацијата на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО, соопшти денеска координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева.
Во Предлог-декларацијата, меѓу другото, се наведува дека интеграцијата на земјата во НАТО треба да биде главната политичка определба, интенција, цел и заслуга на сите политички партии, општествени чинители и граѓани кои со своето делување влијаат врз динамиката и квалитетот на реализацијата на овој процес, и споделуваат обврска за придонес. Се повикува на почитување на принципите на отворени врати на НАТО врз кои се темели Алијансата и исто така се посочува дека земјата ги има исполнето сите критериуми и услови за членство во НАТО. Македонија останува посветена на континуирани реформи и поддршка на мировните операции за обезбедување на светскиот мир и демократијата.
Во Предлог-декларацијата се бара да се уважи пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и препораките од таа пресуда.
Во натамошниот дел се укажува на значењето регионот да биде во фокусот на проширувањето на НАТО и се бара поддршка од земјите-членки на претстојниот Самит во Чикаго за покана на Република Македонија за членство во НАТО и започнување на пристапните преговори со ЕУ.